Press "Enter" to skip to content

41. издание на ИФФК ““Браќа Манаки“ под ковид мерки во пациото на музејот во Битола (фотогалерија)

-Полско-американскиот кинематографер Јануш Зигмунд  Камински ја доби наградата „Златна камера 300“ за животно дело или животен опус. 

-Режисерот и сценаристот Столе Попов е добитник на наградата  „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на 41-то издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.Во Пациото на НУ Завод и музеј во Битола, вечерва црвен тепих, со придржување до мерките за заштита од ковид-19, на отворено небо се одржа скратеното, еднодневно, 41. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. На “Браќа Манаки“,  присуствуваше претседателот Стево Пендаровски, покровител на настанот, градоначалничката Наташа Петровска, амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз, амбасадорите на Франција -Тимоние, на Грција – Ракинас, претседателот на ДФРМ Игор Иванов, и Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот, новата министерката за култура, Ирена Стефоска, пратеничките Бисера Костадиновска Стојчевска и Олга Лозановска, дел од спонзорите, вкупно околу 80-тина гости и официјални лица. Покровителот на “Браќа Манаки“, претседателот Пендаровски рече:-Добро што и покрај пандемијата “Браќа Манаки“ се одржува и годинава во скратена и во изменета форма. Дозволете да ве поздравам како покровител на првиот и меѓу стотиците филмски фестивали, еден од само неколкуте во светот, кои се фокусирани на кинематограферите, фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки”. Станува збор за еден од најзначајните културни настани во нашата земја, настан во кој е вткаена богата историја, многу ентузијазам и љубов кон филмската уметност. Благодарение на овој фестивал, Битола и нашата држава се препознаени во светот на седмата уметност. За жал, годинава го нема црвениот тепих и препознатливиот гламур пред Центарот за култура во Битола, ги нема филмските проекции и полната киносала, ги нема драгите гости од светот на филмот.-Деновите поминати во карантин, во изолација, во нашите домови за време на полициските часови нè потсетија колку значајно место во нашите животи имаат подвижните слики. Тие беа една од основните преокупации и можност за квалитетно поминување на нашето време. Ви посакувам добро здравје и бериќетна работа и да се видиме догодина во нормални околности на 42. издание на “Браќа Манаки“, рече претседателот Пендаровски во обраќањето.Како домаќин на фестивалот зборуваше и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска која рече:-Го изодивме првиот чекор од петтата деценија на фестивалот кој го одржува пулсот на нашиот град, но пулсот на животот и на делото на Браќата Манаки, во градот Битола,  каде што катадневно се случуваат културни настани, а во секоја фасада каде се кријат животни приказни, кои траба да се спакуваат во животни ситуации и да претставува мотив за следни филмски сценарија, а тоа мотив да го оставиме на следните генерации.Игор Иванов, директор на Друштвото на филмски работници на Македонија му ја врачи “Голема ѕвезда на македонскиот филм”, а во образложението меѓу другото рече:-Во нашата уметност, филмската националниот предзнак е исклучително важен кога настапуваме на фестивали. Таму го пишува името на земјата, таму се вее знамето на нашата земја Македонија, Северна Република Македонија. Ако треба со некое име на автор да ја ознаќам македонската кинематографија тоа несомнено е Столе Попов, кој по добивањето на наградата рече:-Драго ми е што на наградата доделена од Друштвото на филмски работници на Македонија е зачувано генеричкото име, она име кое треба да стои. Треба да исчезнат какви било комбинации околу некои прашања или негации, кои одат и до тоа придавките да исчезнат што никогаш не биле ни предмет на разумот, а камо ли на прифаќање. Нема поважно за слободата од идентитетот на човекот, неговиот јазик, култура, неговата духовност и духовноста во средината во која живее.На фестивалот видео обраќање имаше и добитникот на „Златната камера 300 за животен опус“ Јануш Камински, кој рече дека му е криво што нема да биде во Битола, пред големиот споменик на Милтон Манаки, дека нема да се напие мастика и секако се заблагоради на наградата, како најмлад добитник.Свое обраќање имаше и амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз која покрај другото им ги честита на наградите на Столе Попов и Камински.На крајот зборуваше и директорката на ИФФК “Браќа Манаки“ – Гена Теодосиевска, која ги поздрави гостите и изненадувањето дека ненаајавена дојде во Битола министерката за култура и рече дека се надева дека идната година фестивалот на своето 42. издание ќе се врати на старите места, во Големата сала, во малата сала, на прес конференциите, на работилниците, на неформалните дружења, дека Битола повторно ќе живее фестивалски за време на одржување на фестивалот.На затворањето на 41. на “Браќа Манаки“ беше прикажан краток документарен филм за новото кино “Манаки“ на Широк Сокак во Битола, како и за животот и творештвото на браќата Манаки.

С. Ристевски