Press "Enter" to skip to content

Денес е Крстовден, Воздвижение на Чесниот крст

Празникот Воздвижение на чесниот крст, во народот познат како Крстовден, се празнува, и во храмовите на МПЦ во Битола, во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим. Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст.

За подостоинствено празнување на празникот, но и за оддавање признание на светиот крст, како и за сочувствување со страдањата на Спасителот Исус Христос, Светата црква го одредила овој ден како тежок празник и како строг пост.

Празникот „Крстовден“, еден од најголемите празници на Православната Црква, со векови ги собира архиереите, сиот свештенички и свештено-монашки клир на средината од храмот, каде се издигнува најважното знамение за христијанскиот род – Крстот.

Овој настан, Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст, е празник на победата на христијанството над сите царства, култури и цивилизации, празник на христијанското општество кое опстојува низ вековите благодарение на непобедливата сила на Крстот, празник чија благодатна утеха ги поткрепува сите христијани, кои и денес поднесуваат прогони и страданија.

Именден празнуваат: Крсте, Крстинка, Кристина, Кристијан…

Овој празник е директно поврзан со два историски настани. Првиот се случил во IV век и зборува за чудесното пронаоѓање на Чесниот Крст на Господ Исус Христос од страна на светата царица Елена, мајката на светиот и благоверен цар Константин Велики. Вториот настан, пак, зборува за победата на византискиот цар Ираклиј над персискиот цар Хозрој во VII век. Во таа прилика Крстот бил вратен во Цариград, зашто претходно тој бил земен како плен од Ерусалим, тогаш кога градот бил освоен од Персијците.

Царицата Елена при обиколката на светите места се интересирала и за крстот врз кој бил распнат Исус. По совет на патријархот Макариј биле прашани најстарите луѓе, но само еден по име Јуда, знаел дека крстот е во темелите на подоцна подигнатиот идолски храм на божицата Венера. При копањето нашле три крста, зашто на тоа место биле и крстовите од двајцата разбојници што биле распнати со Исус. Тогаш се појавил проблем зашто не можеле да дознаат кој од трите е Исусовиот крст. Пак, по совет на патријархот Макариј, со трите крстови допреле една болна жена и таа од допирот со едниот од нив оздравела. Во тоа време минувала и погребна поворка, а царицата Елена наредила врз мртовецот да ги ставаат крстовите еден по еден. И се случило чудо. Во допир со истиот оној крст од кој оздравела болната жена сега и мртовецот воскреснал. Тоа било знак дека тој е бараниот крст врз кој бил распнат Исус Христос. 

Веднаш после пронаоѓањето на Чесниот Крст многу цркви и манастири посакале да имаат делче од него, па така негови делови биле распространети ширум православниот свет. Во нашата земја и Бигорскиот и Раичкиот манастир чуваат честица од оваа најскапоцена христијанска светиња, пред која доаѓа да се поклони големо мноштво народ, просејќи благослов и поткрепа за своите семејства, ближни, како и за својата татковина.

More from БитолаMore posts in Битола »