Press "Enter" to skip to content

Повеќе од 46 километри со “точак“ низ Галичица во есен, од Отешево до “Св. Ѓоргија“ над Трпејца, вистинско уживање (фотогалерија)

На почетокот на октомври да бидете на Галичица, да возите велосипеди да уживате во топло време на триесетина степени е среќа која ретко се доживува, а нам ни се погоди токму таков ден.Целата вело-авантура од тргнувањето од Битола, секако со автомобил до Отешево, траеше 6 часа, со возење велосипед, со уживање во видиците кон двете езера Преспанско и Охридско, со одмор, се поминато со разни муабети, далеку од лошите вести, короната, кризата…-Ова е одлична вело-тура, посебно за нас вљубениците во велосипеди од Битола, за секој кој барем малку се “дружи“ со велосипед и секако има мерак за престој во природа. Иако звучи на прво дека патеката од Отешево до превојот кај параклисот “Св. Ѓорѓи“, над Трпејца, е многу долга и тешка, тоа во пракса на Галичица не е така. Лесно се поминуваат нешто повеќе од 46 километри, по асфалтен пат, низ шума, низ сенка, со попатни застанувања да се ужува во Преспанското езеро. Кога ќе се стигне до целта, ново уживање за очите и душата, поглед кон Охридското езеро, од точно над Трпејца, вели Игор Неделковски, проректор на УКЛО од Битола, за вело-турата низ Галичица.А возењето “точак“ низ Галичица, за разлика од другите асфалтни патишта, па и во околината на Битола, е сосема безбедно, бидејќи за време на целото возење, на тој пат поминуваат едвај пет-шест возила.-Оваа велосипедска тура би ја препорачал на секој средношколец од Битола, кој сака да вози велосипед, а сигурен сум дека и професорот Игор ќе ја каже препораката и кон студентите. Прво дека многу е безбедна за возење, нема големи угорнини кога се искачувате кон целта, а поради големиот број на кривини на патот, не можете да возите велосипед на слегување со голема брзина. Ваква патека ретко се наоѓа некаде, а ние ја имаме само на педесетина километри од Битола, а само по половина час можеме да започнеме да возиме, вели Кире Грбевски, професор по физичко образование во Горната Гимназија.Убавите предели, прво низ брегот на Преспанското езеро, потоа низ шумите на националниот парк “Галичица“, на “терасите“ од каде се гледа Езерото, на крај погледот на планинските ливади, се уживање за сите сетила.-Сите слушаат за местото од каде се гледаат двете езера, а за да се доживее тоа треба малку напор, волја и желба да се доживее овој регион, блиску до Битола, на единствен, непосреден начин. Привилегија е да можете без дополнителни трошоци, за разлика од други држави, да дојдете со ваква вело-патека, буквално без трошоци, освен минимални за гориво од Битола со Отешево. Некаде велисипедистите треба да плата поголема сума пари за да имаат можност ова да го доживеат, а ние кои го имаме ова бесплатно, а не го користиме. Жално е на ваков ден, на планина, на 30-тина степени, да сретнете само уште двајца велосипедисти, кои заедно со нас тројца, петмина, вели Неделковски.Тешко може да се долови тоа што може да се доживее низ Галичица, посебно кога ќе имате вака убаво време, за кое додека се искачувавме, професорот Неделковски ни кажа да не се грижиме дека ќе ни заврне иако имаше и темни облаци над Галичица.-Кога има облаци на врвот на Галичица тоа се вика “Капата на Галичица“. Тоа значи дека во текот на денот и попладнето ќе има ветер, а утре невреме, ни кажа Неделковски, односно ни ги пренесе знаењата од полагањето за управување на брод-едрилица, кое со успех го има направено пред некое време.А, на целта, кај параклисот посветен на Св. Ѓорѓија, не пречека прилично силен ветер, а сепак се задржавме доволно во уживање во погледот кон Охридското езеро, Трпејца, Св. Наум, езерската сина ширина, врвовите…-Ова е награда за целиот напор кој се вложува во возењето велосипед до тука. Да се ужива тука, на висина, по извозени 20 километри угорнина, од Отешево не е мала работа. Ми доаѓат разни идеи за оваа вело-тура, ќе ги пренесам на гимназилаците и ќе се обидам да “соберам“ екипа да дојдеме организирано тука, но некаде на пролет, бидејќи тешко ќе најдеме уште еден ваков убав ден, во викенд во октомври на Галичица, вели Грбевски.Кога слегувате надолу, кон Преспа, станувате свесни за тоа колкав пат и каков пат сте поминале додека возите кон целта. Наградата освен убавите погледи е и ручекот, крап во Стење, а потоа кафе во Отешево, за комплено совршен ден за возење на велосипед низ Преспа и Галичица.

Сашо Ристевски

 

More from БитолаMore posts in Битола »