Press "Enter" to skip to content

Со “точак“ од Битола до Голема Ливада преку Ротино, идеално за утринско кафе на планина, Пелистерски патокази низ текст и фотографии (31)

-Триесет и два-три километри се поминуваат во најголем дел во возење велосипед, а се поминува од Битола, по стариот асфалтен пат во Ротино, кај манастирот “Св. Илија“, по планински пат се до Голема Ливада, а потоа по патот на Пелистер, преку Трново-Магарево назад во Битола, а целата тура трае помалку од четири часа.-Убаво велите дека првото утринско кафе да се испие на планина е преубава работа, но да ви кажам дека на оваа екипа која редовно, секој викенд е на планина со “точак“ му е второ кафе, бидејќи секогаш првото е на “Лук Оил“, на излезот од Битола, каде “паѓа“ договорот како ќе се вози турата. А, дека задоволството е големо на Голема ливада да се пие утринско кафе, па макар и во “тетрапак“ е неопишливо, вели Кире Грбевски, професор по физичко образование во Горната Гимназија во Битола.А, да се стигне со велосипед од Битола до Голема Ливада, да се помине низ Ротино, треба да се поминат дваесетина километри, а целата тура е 32 километри.Целото возење не е по тежок пат, кој се вози, освен над село Ротино каде планинската патека тоа не го дозволува, а по патот под село Ротино, преубав поглед на битолскиот убавец, Пелистер.-Од Битола до Голема Ливада патот се поминува најголем дел на велосипед. Која би го поделиле, првата делница е од Битола до надвозникот на патот Битола-Ресен, а се вози тринаесетина километри по нов асфалт, на стариот пат покрај Братиндол. Патот е безбеден за велосипедисти бидејќи нема многу сообраќај и е прегледен. Потоа имаме мала нагорнина до село Ротино, но лесно, со добар велосипед, се поминува, секако со мала пауза пред селото кај чешмата покрај патот. Потоа се вози низ Ротино, се до над селото кај манастирот “Св. Илија“. Следува планинска патека која не е за возење велосипед, па мора малку да пешачите, а по брзо време се излегува на планински пат. За да не користите “џипиес“ по патот продолжувате лево, секако со возење, и за петнаестина минути се стигнува го Голема Ливада, вели проректорот на УКЛО проф. д-р Игор Неделковски, вљубеник во возењето велосипед, кој ги има поминато најголем број вело-патеки низ планините низ државата.А, кога ќе се се стигне до Голема ливада  е посебно доживување. Газите на есенскиот планински тепих во сите есенски бои, а на клупите појадувате и го пиете утринското кафе.-Секоја планиска тури низ Пелистер или на другата страна кон Бранејца, Снегово, Смолево, над Крклино има своја убавина, но да се биде на Пелистер, околу 10 часот наутро, со задоволство дека сте извозиле планинска тура со велосипед, појадокот и кафето имаа посебен вкус, вели Грбевски, а Неделковски додава:-По кафето, на Голема Ливада, без разлика дали е прво или второ, веднаш се размислува за тоа да се и пие на наредно кафе на Широк Сокак, во саботна кафе-шема. А, ова нека биде покана утре, сабота, оние кои се мерак за “точак“ и планина, да испијат кафе на Голема Ливада, а потоа има за време да се вратат во Битола на редовните саботни ритуали на кои сме навикнати битилчани.

Сашо Ристевски