Press "Enter" to skip to content

Промовитана книгата на Литовски и Трајковски „Ослободувањето на Битола и битолско, октомври-ноември 1944 година“

Капиталното дело на авторите д-р Александра Литовски и д-р Роберто Трајковски „Ослободувањето на Битола и битолско, октомври-ноември 1944 година“ беше промовирано на 4 Ноември-Денот на ослободувањето на Битола, во малата сала на Завод и Музеј – Ботола, во рамките на празнувањето. Општина Битола го поддржа ова историско дело за градот.

„Велат кажаниот збор дава поткрепа на денешницата, но пишаниот збор дефинитивно отвора порти кон вечности, тој е оној кој што Ве сочувува, Ве прави посебни. Сведоци сме и во поновата историја колку пати како држава, како народ, како нација, сме биле предмет на дискусија. И не велам дека за различни ситуации треба да се лутиме на некому друг. Она што треба да го правиме, а зависи од сите нас, е создавањето на вакви дела, оставањето на трага на нашиот збор, мисла, дела што сме ги имале во минатото. Со тоа оневозможуваме некој да не избрише и да не третира како што сака. Имаме привилегија да имаме два автори кои со ова капитално дело не прават посебни, прават никој да нема можност да не избрише од тлото. Кога дознав за ова дело ги повикав авторите и реков дека ова дело не смее да остане без издание , дело во кое ќе стојат оригиналните документи кои што ја кажуваат вистината за нас, за нашата борба, за борбата против фашизмот, за нашата битка и бдеење за иднината на нашите деца. Се чувствувам привилегирано како градоначалник што токму на Денот на ослободувањето на нашиот град, со овој настан ставиме круна на денот. Горда сум затоа што имаме вакви великани, наши сограѓани, за кои нема сомнеж дека и во иднина треба да ја имаат нашата поддршка“, рече градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.Ова дело на Литовски и Трајковски е збир на 192 документи кои датираат од октомври и ноември 1944 година, поместени се извештаи, наредби, писма за текот на настаните во НОБ.

„Во оваа пригода искажувам почит на сите оние кои ги подарија своите животи за нашата слобода и со повик таа слобода на овие и идните генерации, да ја искористиме и да чекориме по патот на Литовски и Трајковски, во истражување и расветлување на сето она што значи НОБ и Револуцијата како најсветла точка на нашата историја. Ова издание само по себе, по форма и содржина, е ремек дело, плод на макотрпна и долготајна работа на авторите, кои покажуваат почит на се оноа што се случувало во минатото и создаваат обврска на сите останати да им возвратат со иста таква почит“, истакна Никола Главинче, промотор на книгата.

Покрај домашни извори, користени се значајни извори од документацијата на Вермахтот, потоа англиски воени извештаи и документи, објавени со факсимили. Исто така, поместени се и 20 портрети на значајни учесници во НОБ.„Нашата цел е да нагласиме дека антифашизмот во денешно време станува многу важен. Книгите што ги пишуваме со Роберто Трајковски имаат намера да бидат поттик луѓето да станат свесни дека фашизмот не е само историска појава кој еднаш е поразен и таа работа е завршена, туку и денес е е актуелен. Некоја историска генеза на тој фашизам треба да послужи како оружје, како ум во денешно време да можеме да се бориме. Втора работа на која сакам да укажам е дека флоскулата дека историјата не е важна навистина е безвредна и тоа мораме да го научиме со ова што ни се случува со Грција и Бугарија. Како што гледате цела иднина ни зависи од историјата, бидејќи ниту држава, ниту идентитет, ниту личност не постои без сеќавање за минатото, нема иднина без историја“, рече авторот Александар Литовски.

„Со колегата Александар Литовски две работи беа клучни што не водеа да почнеме да работиме на овие документи-долгот спрема градот Битола и спрема оние што ги дадоа животите во Втората светска војна. Ова дело е капитално, а ние успеавме за некаде околу една година да ги обработиме документите и да ги направиме сите други активности“,  посочи авторот Роберто Трајковски.