Press "Enter" to skip to content

Еурофарм Пелистер имаше +7, но само реми против Кадетен Шафхаузен во Битола (фотогалерија)

Еурофарм Пелистер – Кадетен Шафхаузен 25:25 (16:10)

Иако сите посакуваа победа, а беа блиску имајќи и +7 екипата на  Еурофарм Пелистер од Битола на свој терен одигра само реми, 25:25 против Кадетен Шафхаузен, пропуштајќи да стигне до првата победа во Лигата на Европа. “Пелистерци“ одиграа феноменално прво полувреме, но огромниот пад во играта скапо ги чинеше тренерот Бабиќ и неговите избраници.Домашната екипа имаше повеќе од играта во првото полувреме и доминираше на теренот во поголемиот дел од овие 30 минути. Откако на почеток беше одиграно добро и во нападот и во одбраната тоа резултираше со 8:4 после првите 15 минути од средбата. Потоа во следните 6-7 минути не одеше најдобро и гостите се вратија. Меѓутоа откако резултатот беше 10:9 следуваше одлична серија од 6:0 со што беа направени највисоките плус седум на овој дуел.Почетокот на вториот дел од натпреварот не донесе игра според посакуваното. Високите шест гола почнаа полека да ги снемува. Од минута во минута истото се повеќе се намалуваше, за Шафхаузен да стигне и до израмнети 22:22, кога гостинскиот тренер побара и тајмаут на шест минути до крајот за да го испланира нападот за првото водство на својот тим на натпреварот. Во драматична завршница гостите израмнија, па Мандалиниќ погоди од пенал за 25:24 за Еурофарм Пелистер на 40 секунди до крајот. Швајцарците тргнаа „седум на шест“ и погодија од крило, за 25:25.Жељко Бабиќ, тренерот на редовната прес-конференција го коментира натпреварот и истакна дека ремито е реален резултат ако се земат случувањата на теренот во двете полувремиња.-Нерешениот резултат на крај е добар и за нас и за нив ако се споредат двете полувремиња. Десет дена имавме проблеми поради коронавирусот и екипата беше во иозлација и тоа се почувствува. Во второто полувреме имавме голем пад, игравме бавно еден на еден и тоа противникот го искористи. И посакувам среќа на екипата на Шафхаузен во следните натпревари и многу успех, изјави тренерот Жељко Бабиќ.На средбата најдобар поединец беше гостинскиот ракометар Шелкер со седум постигнати голови, а во тимот на Еурофарм Пелистер се истакна Мандалиниќ со шест голови.Следниот натпревар Еурофарм Пелистер го игра на гости и тоа кај Рајн Некар, дуелот е закажан за 24. овој месец.