Press "Enter" to skip to content

Михајло Поповски од“Срце конзулско Битола“: се надевам дека на Св. Михаил Архангел во 2021 ќе се постават темелите на големиот крст над Смолево

-Битола и околу Битола има многу верски објекти, но нема голем крст над градот како што имаат другите градови, па затоа долго време ми се “моташе“ низ главата идејата ние битолчани да изградиме еден голем крст, започна разговорот во Михајло Поповски, кој битолчани го познаваат како Михата.

По подолго време идејата на Михата започна да се реализира, а како вели деновиве се случија две работи со кои “тргна“ работата, за што вели:

-Како при секоја идеја за изградба или било што во врска со црковни работи, треба да се добие благослов и јас деновиве од Владиката Петар добив благослов за понатамошни активности. Благословот освен за мене е и за моите пријатели, верници кои ќе бидат вклучени во изградбата на големиот, кој се надевам дека ќе биде велелепен крст, над познатото место кое го посетуваат голем број на битолчани, Смолево. По благословот од Владиката започнаа и административно-правните работи околу регистрација на здружението кое го крстивме “Срце конзулско Битола“, кое ќе ја води работата за изградба на крстот заедно со сите верници кои ќе се вклучат сите активности.По благословот е регистиранано Здружението и е формиран црковниот одбор во кој покрај Поповски се: Оливер Мијаковски, Илија Чаловски, Димче Талевски, Васко Василев, Ѓорѓи Чекутков, Живко Митревски, Никола Мијаков, Емил Живковиќ, Сашо Петровски, Зоран Брдаревски, Владимир Миновски, Златко Аврамовски и Борис Ѓоревски.

И пред да се конституира Здружението овие лица работеа на афирмирање на оваа идеја, за што Поповски вели:

-Секому на кој ќе му ја кажеме идејата ни дава поддршка за идејата и сите не охрабруваат да истраеме и да ја завршиме. Имаме некои ветувања како од Битола, така и од наши битолчани во странство, а сите се надеваме дека со голема верба и желба ќе се оствари оваа моја идеја, која морам да кажам дека не била само моја, туку и на други кои тоа го замислувале, вели Поповски.Локацијата на крстот е одредена, а тоа старото Битолско кале нас Смолево, каде сега се наоѓаат стари камени темели на некоја стара градба, а местото е забележано и во археолошката карта на Македонија. Овој проект ќе биде симбол на сите кои ја сакаат верата и Битола, па сакам да ги охрабрам дека со Господова волја ќе успееме и да бидеме живи и здрави, за една година на денешен ден, Св. Михаил Арханге, ќе започне градбата на крстот.

Кога му го поставивме прашањето на Михајло Поповски, колку ќе биде висок крстот тој вели:

-Крстот ќе биде висок колку што сакаат и посакуваат верниците да биде. Од денес па се до 20 ноември 2021 година ќе ја афирмираме идејата, ќе собираме донации, сами ќе даваме, а на 21 ноември 2021 ќе го поставиме, повторно со благослов од Владиката, темелот на крстот. Кога ви велам ќе биде крстот висок колку што сакаат битолчани, тоа значи дека колку пари ќе имаме толкав крст ќе направиме. Јас, а и членовите на црковниот одбор сакаме крстот да биде 100 метри, но има време, рано е. За брзо време ќе направиме проект, план со сите потребни карактеристики.Идејата на Михата, сега пензионер, а битолчани го знаат и како правникот од Болницата, која ги направи првите чекори, не само што е интересна, туку ако, а се надеваме дека ќе се оствари, ќе биде за општо добро на сите православни битолчани, кои веруваат дека со огромна желба и надеж нема неостварливи работи.

Затоа тој ги повикува сите да му се придружат и да дадат придонес во реализација, да се изгради големиот крст на Битолското кале, над Смолево, место кое највидно од Битола, ќе се гледа од цела Битола, а и Битола од него, а до него ќе има  неколку пристапни патишта.

Поповски не ја испушти приликата во реализација на идејата да се приклучат сите без разлика на боја на кожата, религијата, политичкото и верското убедување, националното и социјалното потекло, ни по статусот во општеството и имотната состојба, а и оние на кои им недостига Битола, без разлика каде се во Скопје, Белград, Загреб, низ Европа, низ Америка, или во далечната Австралија.

С. Ристевски

More from БитолаMore posts in Битола »