Press "Enter" to skip to content

Бисера Костадиновска Стојчевска, пратеник: во Битола тренд на намалување на семејното насилство

Пратеникот во собранието од редовите на СДСМ Битола, Бисера Костадиновска Стојчевска, по повод Меѓународниот ден против насилството врз жените и девојчињата и почетокот на кампањата 16 дена активизам против родово-базираното насилство, ја даде следната изјава:

-Денес е Меѓународниот ден против насилството врз жените и девојчињата и почетокот на кампањата 16 дена активизам против родово-базираното насилство. Денес во собраниска процедура, со европско знаменце, влегува токму Предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство – I читање.

Новото законско решение е темелот, основата во борбата против сите форми на насилство врз жената и семејството. Со него се предвидува институциите да постапуваат со должно внимание и да ги заштитат жртвите, како и да придонесат за нивна реинтеграција во системот.

Во борбата да создадеме општество кое ги заштитува жените и на жртвите им дава сила да се извлечат од средините во кои им се закануваат да молчат и да продолжат со животот без насилство, владата на СДСМ досега направи крупни чекори : ја ратификуцаше Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, т.н. Истанбулска конвенција, отвори шалтери за згрижување, а во Центрите за социјални работи низ земјава постојано работат стручни лица кои помагаат на жртвите од семејно насилство.

Во Битола, во изминатите две години, се забележува тренд на намалување на евидентираните случаи на семејно насилство. Тоа е податок кој секако охрабрува и потврдува дека СДСМ и на централно и на локално ниво прави вистински, системски промени во социјалната заштита. Во Битола постојат два т.н. шелтер центри во кои, за среќа, во моментов, нема сместено жртви на семејно насилство. Општина Битола неколку години наназад реализира активности во делот на превенција од семејно насилство во соработка со здруженија на граѓани кои работат со учениците од основните и средни училишта, како и децата од предшколска возраст, со цел да ги поттикнат младите за навремена превенција од семејно насилство и да научат кои се нивните права во семејството по однос на семејното насилство и како да ги остварат истите.

За жал, годинава, кога поради кризата со пандемијата од КОВИД-19 сите повеќе седиме дома, регистрирано е зголемување на насилството врз жените. Затоа, многу е важно жените да не молчат, да кажат НЕ на насилството и веднаш да пријават. Истовремено, сите ние како луѓе сме должни, насилството да го пријавиме и да им помогнеме на жртвите. И не само денеска, на Меѓународниот Ден за борба против насилство врз жените и девојчињата и родово базирано насилство или во следните 16 дена активизам.

Против насилството заеднички треба да се бориме секој ден!  Нема оправдување за било какво насилство врз жените и девојчињата! Нулта толеранција за сите видови насилство!