Press "Enter" to skip to content

Мирсат Мухадинов – човекот кој секојдневно работи за почиста Битола

Мирсат Мухадинов е вработен во ЈП Комуналец. Неговата работа е да го одржува чист просторот кај обиколницата над Битола. Разговараме со него за неговиот ангажман во јавното претпријатие и личната заложба за почиста Битола.

Како изгледа еден Ваш работен ден?

-Мојата обврска како вработен во ЈП Комуналец е да се грижам за одржување на хигиената на обиколницата, односно да го расчистувам отпадот и да не дозволам да се собира отпад. Сите знаеме каква беше ситуацијата со овој дел од градот. Ѓубре постојано се фрлаше и се таложеше. Благодарение за соработката на јавните претпријатија и општина Битола, овој проблем доби трајно решение. Со механизација од јавните претпријатија, пред две години целосно беше расчистен сметот од обиколницата, а со мојот ангажман во ЈП Комуналец, успешно се одржува чист овој простор до ден денес. Секое утро одам кај обиколницата и го собирам ѓубрето кое е расфрлано. Во текот на денот освен што расчистувам, разговарам со луѓето кои живеат во близина за одржувањто на хигиената во околината. Сакам на сите да им кажам дека чистат околина зависи од нас и дека сите треба да се грижиме. Не треба да се фрла ѓубре насекаде и самите да се затрупуваме со ѓубре. Јас сум тука да исчистам, меѓутоа сите заедно треба да се грижиме.Што Ви е најважно во Вашата работа?

-Освен работата со чистење на ѓубрето важен дел од мојата работа е да зборувам со луѓето за тоа како можат да ја заштитат животната средина. Многу голем дел од ромското населени кое живее во близина на обиколницата, нема развиена свест за одлагањето на отпад и за важноста на чиста животна средина. Јас секојдневно, освен што го чистам отпадот, разговарам со месното население. Разговорот е многу важен дел од мојата работа. Луѓето треба да станат свесни и одговорни за хигиената во средината во којашто живеат. Јас сакам да биде често. Како родител посакувам се најдобро за моите деца и за сите други деца кои живеат овде. Сакам да ги заштитам сите деца од разни заразни болести коишто се шират од загадена и нечиста средина. Поради тоа секојдневно се трудам овој простор да биде чист и да им дадам до знаење на сите граѓани кои живеат овде дека е важно да го одржуваме овој простор чист. Апелирам до сите граѓани да ја одржуваме чиста нашата околина, бидејќи тоа е за наше заедничко добро.

Оваа година Вие сте еден од добитниците на наградата “Најуспешен битолчанец”, која што традиционално, се доделува во Битола. Што за Вас претставува оваа награда? Како се чувстувате како добитник на наградата?

-Задоволен сум и многу среќен што мојот ангажман и мојата работа се препознати и ценети во градот. Сакам да ја искажам мојата благодарност до ЈП комуналец, што ми ја даде оваа можност да се докажам и да се реализирам Уживам во секој ден од работата и среќен сум што можам да дадам придонес за почист и поубав град.

Како Вашата работа го подобри животот во заедницата во која што живеете?

-Сите ја паметиме грдата слика на обиколницата, со расфрлано ѓубре насекаде. Тој простор освен што беше валкан, беше извор на зараза. Во таква околина полна со ѓубришта и зараза не заслужуваа да живее некој. Најважно е што општината и јавните претпријатија покажаа воља и презедоа активности да се реши овој проблем. Јас сум многу задоволен што со мојата работа придонесувам во обезбедување на чиста и здрава околина на сите луѓе кои живеат во близина на обиколницата, а и во целиот град. Сакам да истакнам дека во оваа работа не сум сам. Сите ние, како граѓани треба да се грижиме за околина, да не фрламе отпад насекаде околу нас и да не си ја загадуваме околината во кој живееме.

Веќе две години работите на ова работно место, секојдневно грижејќи за одржување на хигиената околу обиколницата. Според Вас, што е потребно да се направи во овој дел од градт, односно во населба Баир за ефектите од Вашата работа да бидат поголеми?

-Најважна е свеста на граѓаните. Граѓаните да се грижат за сопствената околина и да ја одржуваат чиста. Да не фрлаат оппад каде што ќе стигнат. Голем проблем преставува дивата депонија што се создава кај игралиштето над улица “Петочна Вода”. На ова место многу несовесни граѓани од населба Баир, а и од градот одлагаат отпад. Доаѓаат и со авомобили од другите делови на градот и оставаат отпад на ова место. Многу често овде се пали оган и се горат кабли со што дополнително се загадува околината. Аплеирам до сите граѓани за поголема свесност. Тоа е место каде што има игралиште, каде постојано си играат наши деца, а ние несовесно го загадуваме. Ја користам оваа прилика да ги повикам сите надлежни- невладини организции, граѓани и институции заеднички да го решиме овој проблем со оваа депонија . Јас лично ќе се заложам да го одржувам овој простор, доколку се најде решение како што се најде решение и за обиколницата.

Ви благодариме за разговорот г-дине Мухадинов и Ви поскауваме успех во Вашата
понатамошна работа.

Интервјуто е реализирано како дел од проектот “Сензибилизација и мапирање на домувањето за Роми ”, проект на Фондација за одржлив економски развој Преда плус Битола, финансиски поддржан од Швајцарска агенција за развој и соработка (SDC)