Со утрински тренинг и брифинг со новинарите, лидерот во кошаркарскиот шампионат на Македонија, битолски Пелистер ја заврши 2020, каде “пелистерци“ презимуваат на првата позиција, со шест победи од толку натпревари, постигнувајќи по 100 поени по натпревар.
На средбата со новинарите празниците на сите љубители на кошарката во Битола им ги честитаа тренерот Марјан Илиевски, капитенот Бојан Трајковски и претседателот на Здружението на клубови, Мери Ковачевска.
Тренерот на Пелостер, Марјан Илиевски рече кошаркарите се на одмор за Нова година, а од 3 јануари продолжуваат во Битола, каде ќе се подготвуваат за 13 јануари за гостувањето кај Кожув, а и додаде:
-Мојот совет до секој кој работи со спорт во било која област да размислува секогаш да биде најдобар. Кога започнав да преговарам со овој клуб, со Мери Ковачевска и директорот Јовче Христовски, си поставивме цел да бидеме поуспешни од претходно. Целта беше да направиме успешна приказна, си поставивме цел да биде поразлична од претходно, никогаш не дефиниравме точно кое место ќе биде успех. За нас успех е да создадеме една целина, засега успешно чекориме и сето она што го имаме создадено како меѓусебно почитување, засега функционира. Сакам така да остане во иднина.
Тренерот на битолчани ја искорости приликата да им се заблагодари на фановите, од кои добива секојдневно поддршка, а нестрпливо ги чека и на трибините.
Капитенот Бојан Трајковски на денешната средба со новинарите рече:
-Им благодарам на сите инволвирани во клубот. На сите сакам да им се заблагодарам, бидејќи во оваа криза со коронавирус многу е тешко да се најде време и начин за да го овозможат ова што ни го нудат. Со нивна помош, со наша работа и со работа на тренерот се изборивме за ова прво место. Не беше нималку лесно да се стигне тука, посебно што знаеме каде бевме и каде сме сега. Не треба да ни дава дополнителен „ветер во грб“ оваа серија и треба да се приземјиме. Треба да ги одмориме главите за празниците и да продолжиме по истиот пат во 2021 година.






