-21-годишниот интернационалец од Босна и Херцеговина, Павле Петровиќ пристигна во Битола и откако ќе мине краток пробен период, веројатно ќе потпише за клубот од Битола.
Само две недели траеше паузата за ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 од Битола, а најмладиот учесник во плеј-офот на Суперлигата денес им се врати на работните обврски со првиот тренинг во салата на медицинското училиште во Битола.
Денес попладне тренерот Александар Јовиќ прозиваше во спортската сала во Битола, а според она што го видовме на прозивката Пелистерци го потврдија играчкиот кадар кој го обезбеди разигрувањето, а се очекува и доведување на едно ново име, на позицијата десен бек.
Тимот ќе се подготвува во Битола, а предвидени се и неколку контролни натпревари за брусење на формата пред официјалните натпревари во март. Првите два дуели се против Прилеп, следната сабота на гостински терен и за девет дена во Битола.
Видливо беше дека на тимот на вму недостига десен бек. Неколку месеци клубот работеше на изнаоѓање на профил на млад ракометар кој ќе се вклопи во тимот и ќе му биде додадена вредност во плеј-офот. 21-годишниот интернационалец од Босна и Херцеговина, Павле Петровиќ пристигна во Битола и откако ќе мине краток пробен период, веројатно ќе потпише за клубот од Битола.
-Заеднички со менаџментот на клубот одлучивме да ангажираме нов ракометар на позицијата десен бек. Моментално пристигна Павле Петровиќ од Босна и Херцеговина и ќе биде со нас деновиве. Имам добри препораки од моите колеги од БиХ за него и мислам дека ќе биде засилување за нас за оваа полусезона“, вели Јовиќ.
Целта на оваа млада екипа е што е можно подобро репрезентирање во разигрување и ако се укаже шанса и изненадување против респектабилните противници.






