Press "Enter" to skip to content

Водици – Богојавление во МПЦ “Св. Петка“ во Рогдејл, Австралија (фото)

Празникот Водици (Богојавление) народот го празнува како еден од најголемите христијански празници, зашто на тој ден Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан. Со тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството.Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина.

Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.Празникот Богојавление се однесува на настанот на Христовото крштевање во реката Јордан од страна на Свети Јован Крстител, кој со своето учење одел пред Исус, што значи му претходел на Исус и затоа е наречен Претеча. Св. Јован го повикувал народот на покајание и му кажувал дека е дојдено времето кога ќе се појави Спасителот на Светот. Притоа луѓето ги крштевал со вода и им кажувал дека тој што ќе дојде по него ќе ги крсти со Свет Дух. „Јас ве крштевам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни ременчињата на обувките Негови. Он ќе ве крстеи со Дух Свети и со оган.“ (Лука, 3/16).На Богојавление главен настан е фрлањето на крстот во водата. Во Македонската Православна црква Св. Петка во Родејл, која е дел од Австралиско- сиднејската епархија на МПЦ – ОА, возглавена од Митрополитот Тимотеј, беше отслужена светата литургија од парохискиот свештеник Владо Недески и првиот парох на МПЦ Св. Петка (сега пензионираниот) Александар Ивановски.Беше осветена водата и одржана лицитација односно јавно надавање на иконите, кои верниците ги откупуваат и после шесте недели повторно ги враќаат во црквата. Се верува дека по овој обред водата станува осветена, а со тоа и лековита, поради што сите присутни полнат од оваа вода и ја чуваат во текот на целата година во своите домови.

Потоа присутните верници се упатија во месноста Куeemagh каде свештеникот Владо Недески ја отпеа молитвата и го фрли крстот во океанските води. По крстот скокнаа дваесетина момчиња, но најстреќен меѓу нив беше Александар Муфовски кој го извади крстот од океанските води.Среќниот Александар беше удостоен со подароци во име на управата на МПЦ Св. Петка со златен крст и ланец, и една икона, кои му ги врачи отец Владо Недески актуелниот парох на црквата.