Press "Enter" to skip to content

Наташа, Христина, Невена, Ана, Маја, Марија, Милка и Сузана, од Битола, за 8. Март, за предизвиците, дилемите, размислувањата…

Жанета Ристевска

За што Клара Цеткин би ни кажала благодарам? 

Одговорот на ова прашање уште стои отворено и 95 години потоа, жените се уште се борат за својата рамноправност. Иако положбата на жената од времето на Клара Цеткин и Роза Луксембург е сменета, Празникот 8. Март  треба да им служи за потсетување на нивната положба во минатото и колку успеале до денес. Кај нас се уште постои стереотип дали жената може да се носи со улогата да врши значајна функција во општествено- политичкиот живот. Жените  да добијат поголема подршка од мажите во однос на чувањето деца и домашните обврски.  Според статистички податоци се смета дека  се уште постои и со резултатите се увидува дека нееднаквоста е се уште присутна на пример од аспект на менаџерските позиции во однос на пол.  На овие позиции се уште доминираат припадници од машки пол. Покрај овие  статистички податоци пред жените стојат уште предизвици во реалниот живот. Од 2020 година  живеење во пандемија, секако огромна грижа за здравјето физичко, мјентално на семејството, децата и професионалните обврски на работното место. Нејзината  борба  како мајка, сопруга, пријателка, баба, лекар, работник, просветен работник, менаџер, фармацевт, економист…

Денес одбележувањето на Денот на жената, 8 Март, значи да се одбележи секојдневневниот нејзин предизвик, да се направи баланс меѓу приватниот и професионалниот живот. Низ разговорите со моите соговорнички од различни професии, тие отворено ги искажаа своите ставови, мислења, дилеми, размислувања околу овие теми.

Наташа Несторовска, Стопанска банка АД БитолаМеѓународниот ден на жената 8. Март  кој се одбележува, ја симболизира борбата на жените за социјална, политичка и економска рамноправност со мажите и темелите на ова движење се појавуваат уште во почетокот на 20-тиот век кога и положбата на жените, за разлика од денес, била многу различна. Со годините кои изминувале улогата на жените во општеството и сите сфери на заедницата добивала се поголемо значење. Денес, за среќа сме сведоци на многу современи процеси на т.н бришење на дискриминацијата на жената во однос на мажот и постоење на нејзини целосни права и слободи.  Достоинството и рамноправноста кои ги ужива денешната жена се видливи на секое поле. Рамноправноста не го подразбира само она што жената го ужива во однос на мажот во општеството, туку и во сите други категории кои ја карактеризираат нејзината улога – рамноправност во кариерата, рамноправност во социјалниот живот, во односите со партнерот, во заедницата. Доколку го анализираме пазарот на трудот во тој поглед, јасно е дека сите работни места се достапни за сите без дискриминација во однос на полот. Се поголем е бројот на жени кои извршуваат сериозно општествено одговорни функции, жени кои активно учествуваат во политиката и имаат исто така високи фунции, жени кои се можеби граѓански активистки или менаџерки на големи корпорации. Генерално жени кои оствариле висок кариерен степен без никакви предрасуди во однос на полот.

Од друга страна покрај кариерното остварување она што ја прави уште покомплексна улогата на жената во општеството е спојувањето на професијата со нејзината биолошка призма каде што таа се реализира како мајка и како сопруга. Конкретно доколку се навратиме на пазарот на трудот, се позабележителен е трендот на жени менаџерки на високи позиции во големи и сериозни корпорации, и морам да кажам дека тоа е нешто што особено ме радува. Од друга страна, несомнено дека постои и голем простор за унапредување на овие параметри во нашето општество. Особено во бизнис сферата сметам дека постои огромен потенцијал за подобрување на позицијата на жената и истото можеме да го земеме како пример од земјите каде што положбата и функцијата на жената и во општеството и во бизнисите е на едно завидно ниво.

Како дел од високиот менаџмент на Стопанска банка а.д. Битола можам да потврдам дека во нашата компанијата со исклучителна внимателност се пристапува кон ова прашање. Жените вработени во компанијата, со сиот нивни потенцијал се еднакво почитувани и ценети во однос на мажите и истото се утврдува во секој аспект од нивното работење. Од вкупниот број на вработени во Стопанска банка а.д Битола, според родова поделба, жените се позастапени во однос на мажите, а дополнителен доказ за тоа дека длабоко веруваме и се водиме по современите принципи на работење и делување се и големиот број на вработени жени кои имаат високи, менаџерски функции во банката.

Христина Фуна, “Синпекс““Жената е дом, а домот е темел на општеството !” Сакам кога за 8. Март ќе добијам цвеќе. Признавам. Се радувам на насмеаните женски лица низ улица. Среќа е кога со зумбули или букет лалиња ќе украдам насмевка и прегратка кај најмилите мои женски лица. Тоа е еден вид восхит кон животот, кон пролетта, признание на љубовта , почит кон жртвата на мајката. Тогаш уживаш во тоа што си жена, што си своја и комотна во својата совршена несовршеност. Преку цвеќето ја впиваме таа есенција на убавината која ја слави овој ден. Сепак на овој начин ја обележуваме љубовта кон жената, но 8. Март има многу подлабок, пореволуционерен и хуман карактер од денешното целосно испразнето и смешно обележување и прославување. Тоа е празник на правата на жената! Овој ден е потсетник на борбата за еднаквост која трае од 1857 г. и според извештајот на Светскиот економски форум ќе ја водиме уште долго, затоа што се предвидува дека родовиот јаз ќе се намалува дури до 2186 година. Разликата во платите меѓу мажите и жените сè уште постои низ целиот свет, жените  не се присутни во еднаков број во компаниите или политиката. Бројките исто така покажуваат дека на глобално ниво, образованието и здравјето на жените се полоши во однос на мажите, а воедно секојдневно слушаме за насилствата и злоставувања женскиот род.

Затоа, мора да дигнеме глас, не чаши. Да чекориме во мирен штрајк, не кон кафеаните. Да се држиме за рака во оваа борба пред инситуциите, општеството, пред насилниците , а не во оро. Се уште е рано да прославуваме ! Лицемерно е да славиме ! Дел од нас се уште секојдневно страдаат. Солзите на тие жени се пијалокот кој треба да не понеси да кажеме – НЕ !  Да го бараме нашето право да бидеме еднакви во сите сфери на животот. Само тогаш радоста на прославувањето на денот на жената ќе биди оправдана. Да не ја ставаме оваа многувековна борба на кантар со еден ден кафанска забава. Затоа утре да ја славиме жената со големи цели и уште поголеми соништа. Онаа жена која нема да дозволи нешто да и застане на пат. Жената која секогаш кажува што има на ум, и која не се плаши да се завземе за себе. Доволно паметна, доволно добра и немерливо јака да може да постигне се што ќе посака.

Невена Груевска, Македонско научно друштво – БитолаЕдна девојка, жена, не смее да си дозволи да го „слави“  8-ми Март, како ден кога ќе биде сакана, почитувана , ценета со добивањето подарок од страна на посилниот пол. Да, во себе секој ден треба да им се заблагодарува на Клара Цеткин и Роза Луксембург за нивните напори и заложби кои ги правеле во минатото, и токму затоа секоја од нас со своето работење, залагање, зајакнати активности треба да направи да секој ден од годината се чувствува дека е вреднувана како нешто најскапоцено. Растев покрај силна, навистина силна, и пожртвувана мајка, која секогаш била ветар во мојот грб. Во ниту еден момент во мојот живот не сум се почувствувала дека сум помалку вредна од некого.

Таа сигурност во себеси, тоа отсуство на страв и неколебливост дека можам правилно и на вистинскиот начин да одговорам на секоја поставена задача и предизвик се и онај момент кој мислам дека одлучи да членовите на МНД, минатата година после 60 години творење на најстарата научна институција во државата, раководната функција за првпат ја доделат на жена. Како претседател со целосна одговорност и максимално залагање се трудам достојно да ја водам оваа институција. За тоа колку искрено верувам за капацитетот, вредноста и големината на жената, покажува и фактот што на најголем број места во раководните тела и органи на МНД за свои соработници ги имам токму нив-жените. Со еден таков настан посветен токму на жената-научно стручна дебата со наслов: Родова еднаквост и заштита на жените од насилство: приоритет или предизвик на која свои моќни излагања имаа 4 одлични говорнички, изминатата недела ја започнавме реализацијата на годишната програма на МНД. Искрено ме плашат некои податоци кои се добиени од Европскиот комитет во чии извештаи објавени  последниве години, а кои се однесуваат на рамноправноста на мажите и жените во ЕУ, бројките покажуваат дека жените сеуште немаат еднаков статус со мажите а често немаат ниту можност за остварување на темелните човекови права. Се уште загрижува податокот дека жените заработуваат во просек 40 % помали средства од мажите.

Кога ќе размислам, и сегашната моја ректорка па и деканка на МСУ “Г.Р. Державин“ каде сега предавам , како и сите мои претходни раководители биле припаднички на понежниот пол. Силни и моќни жени. Меѓусебната поддршка, разбирање и ослободување од стегите се единствениот начин на кој ние самите можиме да ги пребродиме сите премрежија , сопки, и омаловажувања . Со тоа ќе докажеме дека како и мажите и ние сме еднакво достојни претставнички и на професорите , лекарите, готвачите, спортистите и се друго. А колку една жена е среќна и задоволна со себеси кажува насмевката на нејзиното лице и искрите во нејзините очи. И да, убаво е да се биде жена, зашто токму таа е она совршенство која во себеси создава и раѓа дете, дава нов живот.

Ана Трајковски, “СН финансиско друштво“Жените во бизнисот се основа за стабилна економија и не е е без причина раширено мислењето дека силните и успешни жени, без оглед на ситуацијата и опкружението, подобро ги согледуваат и околностите и заедничките интереси и неретко се поажурни од мажите. Во случај да не се согласувате со ова тврдење, факт е дека жените во деловниот свет се посилни од секогаш. Во Македонија ретки се компaниите во кои “женскиот менаџмент“ на високи позиции доминира. СН финансиско друштво е една од нив. Извонредни професионалци припаднички на понежниот пол се носители на раководни позиции.

Ако некогаш сте се запрашале, како некои поединци со леснотија ја градат својата кариера, јас се враќам на моите почетоци кога уште од студентски денови започнав да работам на својата кариера. Практично од 0. После 9 години, раст и докажување во различни компании доаѓам во СН финансиско друштво, за денес да сум на позиција Раководител на сектор за организиција и администрација. За успех често е добро да ги менувате работните места, па и компaниите, на тој начин се учи, истражува, се усвојуваат добри навики, се следат соништата и оптимистично се оди кон зацртаните цели. Мојата сегашна работа е сон за кој сонував. А оваа компaнија, навистина ми понуди фантастични услови за работа и напредок. Не плашете се од промените – храбро следете ги своите соништа.

Марија Додовска, “Invent EVENT“ – агенција за организирање настани  Имав среќа и неверојатна привилегија да израснам во семејство на исклучително силни, мудри, храбри жени, кои истовремено се и скромни, нежни и сочувствителни. А бидејќи семејството е најважна алка од каде што всушност се’ започнува, ние учиме и сме она што го гледаме во нашите домови и луѓето во нашето најблиско опкружување. Тука ги учиме начелата на перспективата за секое вреднување и самовреднување, тоа е местото каде што се гради личноста и се насочува.

Од мали нозе ја согледав значајноста на улогата на жената, но и рамноправноста, бидејќи по својата интелигенција, образование, способност и снаодливост жените во никој случај не заостануваат зад мажите. Мојата мајка, жена визионер и пионер, започна свој бизнис во време кога да се биде жена-претприемач во услови на актуелната состојба на домашниот пазар беше рушење на сите стереотипи. Мојата баба беше една од првите учителки во Битола, а другата беше пожртвувана домаќинка, и двете подеднакво одиграа значајна улога во градењето на мојот карактер. Во моето семејство научив дека жената треба да се почитува и по она што се разликува од мажот, а не по она што ја доближува или израмнува со него, и дека всушност баш тоа не прави посебни. Водена од желбата за независност, самодокажување, успех, лична сатисфакција, мојот нескротлив темперамент, и поддршката од моите најблиски, доведе до остварување на мојот сон да започнам и да имам сопствен бизнис, или подобро кажано, да имам успешен бизнис.

Убедена сум дека жените имаат вродени организациони способности, а на тоа како единка секојдневно потсетувам работејќи ја мојата професија со докажување на сопствениот кредибилитет и авторитет. Кога зборувам за претприемништво не верувам во разлика врз основа на половата припадност. Не верувам дека полот го означува успехот. Успехот не зависи нити пак е ограничен од полот на кој припаѓа таа личност, туку од упорноста, истрајноста, уникатниот пристап и сопствената амбиција. Современото живеење донесе трансформации кои го менуваат општествениот, културолошкиот и економскиот лик на бизнис атмосферата како на глобално така и локално ниво. Иако не постојат официјални статистики во нашата држава со кои би можела процентуално да укажам на инклузивноста, значително е зголемен бројот на жени претприемачи и жени кои се поставуваат на клучни одговорни позиции, а на тоа сум особено горда и среќна. Секојдневно запознавам жени кои се бестрашни, решителни, жени кои мотивираат, жени кои чекорат по свој пат, со свое темпо, жени кои се дел од толпата но сепак живеат по свои правила, вистински лидери со митска моќ што не се соодветни на законите на логиката, а најмалку на нормираниот идентитет. Македонија е една од ретките земји во кои се обележува Меѓународниот ден на жената, иако овој празник има само симболичен статус сепак е повод да се навратиме кон минатото и да оддадеме почит на сите жени кои се бореле за правата, слободата и достоинството, бидејќи ние своето потекло и својот идентитет им го должиме токму нив.

Маја Богоевска, ТВ “Сител“Можеби оваа година, кога заради ковид пандемијата нема да се одржат оние фамозни осмомартовски прослави, кои личеа на се, освен на борба за економска, политички и социјална рамноправност. Пошироката женска популација ќе се заинтересира малку повеќе за длабокото значење на Осми март и што тоа всушност значи. Кога честитаме „Среќен Осми март“ – знаеме ли што честитаме? Дали подарувањето цвеќиња, парфеми, скапи подароци на овој ден ќе ја постигне целта заради која е прогласен овој ден за Меѓународен ден на жената? И не. Не е доволно само да ги знаете Клара Цеткин и Роза Луксембург на име. Треба да знаете колкава храброст им била потребна за во едно такво време да се подигне гласот и да се направи револуционерен подвиг кој ќе ги поттикне жените да не дозволат повеќе да им се скратуваат правата само затоа што се – жени. Не треба да се надеваме дека во иднина помалку (тешко дека ќе исчезне) ќе се слушаат зборовите „Не може затоа што си жена“. Треба да се избориме. А тоа се учи во едно нормално семејство кое учи на основни вредности дека секој треба да се почитува. Младите генерации жени не смеат да си дозволат да продолжат по стапките на комерцијализираниот Осми Март, на шопинг турите, кафанските прослави и слично. Така не се води битка за рамноправност. Борбата се води со храброст, самодоверба, знаење, без откажување, истрајност, затоа што секоја жена треба и заслужува да го прави она што го сака и за што е способна. Да се надеваме дека ковид пандемијата за многу брзо ќе ја оставиме зад нас. Па да продолжиме со прославите, патувањата, шопинзите – но за тоа да не е потребен Осми март. 

Милка Акимовски, “БОДИ М“  Жените ќе го променат светот. И тоа не само заради тоа што можат, туку заради тоа што мораат, затоа што светот е зрел за сериозни промени, а тие знаат како тоа се прави. Секојдневно сум опкружена со многу жени и секојдневно сум фасцинирана од нивните индивидуални патеки на личен успех, кои ако активно се здружат можат да направат чуда. Жените и колку да ги сметаат за понежен пол, тие се борбени и посветени. Тие точно имаат идеја во каков свет сакаат да живеат и кон тоа стремат.

Боди М оваа година започна една своја акција на промовирање на успешните жени во бизнис кои се наши клиенти, при што правиме една синергија со мојот успех и со нивниот успех, со една единствена цел, да покажаме колку е добро да се поддржуваме. Мене работата ме научи дека нема мали победи и нема мали чекори доколку чекориш кон својата цел. Сакам да потенцирам дека исто така жените мора да научат да реагираат ако нешто не е добро. Да бидат гласни. Историјата памети многу неверојатни жени, кои го направиле светот подобро место, ги поместиле границите, истражувале, разубавувале, пишувале, гласно зборувале, се бореле, а современиот свет е полн со нови имиња кои треба да се запомнат и да им се каже благодарам за сé што прават денес. Дали со тоа што нашите животи ги прават комплeтни, носејќи ни неверојатни книги или создавајќи уметност која ќе ја паметиме, или прават најубави колачиња кои ни ги разубавуваат деновите, или се борат за некои важни општествени битки…

Меѓу нив има и многу мои клиенти, на кои сум особено горда. Тие се херои на нашето време. Во нивно име и во име на тоа што на секој чекор откривам некое ново име кое уште повеќе ме мотивира или ми потврдува зошто на таквите треба да им веруваме, сакам да зборуваме гласно за жените кои не инспирираат и овој свет го прават подобро место за живеење. 8 март е меѓународен ден на жената посветен на борбата за економска, политичка и социјална рамноправност. Во тој дух и да го одбележуваме.

Сузана Димовска, “Роса Вита“Се вложувам целосно во се што работам, така  сум воспитувана. Многу сум му благодарна на родителите што ме научија дека со работа, со целосно вложување на себе, се постигнува се. Ништо нема да дојде само, или како резултат на среќни околности. Но, секоја жена знае што се придонесува не само на работното место, туку и во својот дом. Секоја жена има двојна обврска. Лично за мене ќе кажам дека карактерно сум многу издржлива и тоа што ќе го започнам да го довршам до крај и колку да е напорно, а тоа сакам да го имаат сите жени. 

2020 година  ќе ја паметам можеби цел живот и тешките денови кои ги поминавме  за време на вонредна состојба и карантин поради пандемијата од ковид-19. Цело време 24/7 во служба на граѓаните. Тука би кажала само колку  надеж за  граѓаните со тоа што работевме 24/7, особено во ноќните часови, за оние на кои им најпотребни. Како аптека бевме  на услуга на повеќе од 80.000 граѓани во вонредни услови на Битола и околните општини, а тука беа ноќните смени… Сето ова треба да се издржи но со вистинска верба во бога, и во себе, а тоа секако падна на товар и на неколку жени во аптеките, а со тоа докажавме дека ние, жените сме рамноправни со “посилниот“ пол.

Тешко да се  усогласат професионалните и домашните обврски.  Искрена ќе бидам дека мора нешто и да се пропушти. Не може се. Потребно е ние жените да ја промениме нашата свест за самите себе, Да веруваме во себе и да се трудиме да го постигннеме она што го посакуваме, а кога тоа ќе се случи неминовно ќе се смени свеста и кај мажите, па тогаш веќе нема да говориме дека ова е свет на мажите.