Press "Enter" to skip to content

Деновиве пред 10 години: урната со пепелта на битолските Евреи пренесена во Меморијалниот центар на Холокаустот (фото)

-Во 2011 година се свечено беше отворен Меморијаниот центар на Холокаустот во Скопје, а од Битола во Скопје, каде и сега се наоѓа, беше пренесена урната која во Битола беше од 1961 година, со пепелта на Битолските Евреи, жртви чии животи згаснаа во нацистичкиот логор Треблинка, заполна со своите сеќавања Димче Миновски, хроничар на Битола и доајен на битолското новинарство и продолжи:-Јас по доаѓањето во Битола по Втората светска војна живеев во Еврејското мало во Битола, а бев и претседател на Еврејското друштво во Битола и доста истражував за нашите поранешни сограѓани Евреите, и морам да кажам дека со многу емоции ги проследив настаните пред 10 години, а верувам и сите ние битолчани, посебно ние кои бевме населени во нивните домови, како се вели “Зад уредот“.

-На 9 март 2011 година со високи државни почести и со гардиска придружба и во присутво на единствениот преживеан Евреин од Битола, мој комшија и пријател, Мојсие Салиевски, кој сега не е меѓу нас, како и гости од државата и странство, точно на пладне беше испратена урната со пепелта на битолските Евреи – жртви чии животи во 1943 година згаснаа во нацистичкиот логор Треблинка. Урната е сместена во Меморијалниот центра во Скопје, се сеќава Миновски.Покрај урната од Битола и две други, вкупно три урни со пепел од жртвите од Штип, Битола и од Скопје биле пренесени во Музејот, а таму беа пречекани со почесна стрелба, што сугерира на место кое ја обезбедува потребата од „вечен дом“ на невините жртви на холокаустот, припадници на еврејската заедница. Овие урни им пружаат и извесна утеха на малиот број Евреи кои живеат денес на територијата на Македонија во смисла дека нивните покојници се удостоени со вечно почивање на свето место, место кое е опозит на заборавот и кое се здобива со бесмртност.

-Да појаснам трите урни во Македонија се донесени во 1961 година и биле изложени во Битола, Скопје и Штип, бидејќи од овие три града ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година биле собрани речиси сите Евреи и кон крајот на март од скопскиот Монопол биле депортирани во логорот на смртта во Полска, вели Миновски и додава:Да потсетам, иако секој март се сеќаваме, 3.276 Евреи од Битола, од нив најмалку половината деца, беа депортирани и убиени на монструозен начин во Треблинка.

По повод годишнината од депортирањето на битолските Евреи, беше положено цвеќе на Еврејските гробишта и Споменикот на Евреите во Битола. Претходниот ден во Заводот и музеј беше отворена спомен-изложба “Битолските Евреи“.