Press "Enter" to skip to content

Снегот и короната втора година по ред, за Св. 40 Маченици, го оставија Кркардаш празен (фотогалерија)

Сликата која вечерва ја “сликавме“ со фото-апаратот и ја доживеавме, нешто по 20 часот,  над Битола, како  пресликана од лани  и сигурно една од најжалните “слики“ која некогаш биле во манастирот и дворот на манастирот “Св. 40 Маченици“ или како верниците од Битола уште го викаат Кркардаш.-Лани короната, една година потоа корона плус снег, плус полициски час, го направија своето. Гледај, Саше, само колку малку народ има, нема реки народ од Битола од школото до горе, ние не сме навикнати вака, да нема луѓе, да нема народ, да ги нема баирчани. Да не зборуваме со бројки колку има луѓе, ќе ви кажам дека ако од годините продававме оваа вечер, на 21 март, по повеќе од 100 килограми свеќи, денес дали има 10 килграми продадени свеќи“  кажа Ицо Тасевски – Клито, кој иако премрзнат на тезгата со свеќи ги чекаше верниците, кои за жал ги немаше вечерва на Кркардаш. Пред манастирот само десетина млади битолчани, кои се искачија до горе да запалат свеќи и да ја продолжат битолската традиција. На местото кое е предвидено за палење свеќи само десетина свеќи, во кои замислено се гледаат домаќините, а еден од нив Диме Павловски -Џими, само кратко ми рече:-„Ваков снег имаше во 2009 година, ние не можевме да дојдеме до тука, а дојдовме другиот ден на 22 март некаде по три часот. Сега се повтори таа 2009 година, снегот не им дозволи на битолчани да дојдат до горе. Ние како домаќини направивме се. Ги исчистивме скалите од снегот по кои се доаѓа горе, а за да не се лизга на мермерот пославме и јамболија, но нема луѓе“. Манастирот “Св. 40 Маченици“  празен, божје смирение, а се чувствува само мирисот на босилек, потопен во “крстената вода“, а од неа нема кој да се “измие“ на лицето и челото. Фреските и иконите наредени по канонски ред ги чекаа верниците, а на каменот од внатрешната страна запалено кандилото.-„Лани не бевме тука, на манастир, знаете какво време беше, страв, полициски час, па затоа се одлучивме иако по снег да се искачиме до горе. Запаливме свеќа за здравје, за нас, за семејството, за сите битоллани, за сите Македонци, а догодина да се вратиме на старите празнувања“, ни рече Зорица која со сопругот беше во манастирот.Надвор во дворот го нема најголемиот љубимец на најмалите и старите, Раде со “шеќерна волна“, ги нема црвените јаболчиња на стапче, ги нема проматарите,  го нема  големиот рингишпил “идемо сместа-возило двеста“, односно дворот е празен.-Дојдоа само баирчани кои се тука откако е населбата, а од градот луѓето се бројат на прстите. Напиши дека сме сами, нема никој, во можеби повеќе од петстотини години, но тоа е тоа. Господ нека ни поможи на сите, и празникот да ни биде за многи години, но не како вечерва и како пто беше лани, неколку дена пред големиот страв и полицискиот час.-Затвораме во 21 часот, да стигмеме дома до 22, и ние и верниците. Тешко е да се затвори вратата на манастирот, но мора да е вака.  Кога лани, Саше беше тука, ти реков, да се надеваме дека ова ќе биде единствен тажен Кркардаш, а догодина со Божја помош, манастирот и дворот ќе бидат преполни со битолчани, а баирските куќи полни со гости. Еве сега повторно со истата мисла ти велам, в година да бидеме сите здрави живи, на 21 да биде топло и илјадници народ, на испрати Ицо.А додека слегуваме надолу, по стрмните баирски улици, на кои наместо да “врие“ од народ, се празни, дворовите на битолчани празни, а скалите кои водат до манастирот исто така празни, а на нив на снегот нема ни стапалки.

Текст и фото: Сашо Ристевски