Press "Enter" to skip to content

Совети од лабораторија: толкување на лабораториски резултати

Авторот е дел од тимот на ПЗУ “Д-р Костурски“ во Битола, во дијагностичкаta биохемиска лабораторија

Ние не пишуваме бројки… ние пишуваме судбини- тоа често им го кажувам на моите соработници со кои работиме секој ден во лабораторија. После земањето на материјалот за анализа започнува цела една серија на операции кои водат миз еден долг пат на движење на епруветите низ лабораторија најчесто низ низа на апарати кои секој за себе има своја специфика во работењето. Така за поедини анализи се подготвува серум за анализа, додека за други треба плазма, за некои анализи дури треба и претходно специјално третирање на материјалот пред со истиот да продолжиме да работиме. Значи секоја анализа има свој материјал биолошки од каде се црпи и се читаат нејзините концентрации.

Многу е важно да се следат препораките на производителите на реагенсите за тоа со каков материјал се работи при анализирање на поедини аналити затоа што може концентрацијата на една иста анализа да варира во своите вредности кога се анализира во серум или во плазма.Често ќе сретнете на лабораториските извештаи две вредности и тоа, референтни вредности во плазма и во серум.

Истото се случува и со методата на анализирање и читање на анализите при нивната обработка во самиот апарат-анализатор. Сите тие имаат своја фрекфенција на која ги читаат концентрациите, своја метода на обработка на податоците од читањата, своја калибрација и на крај свои референтни вредности кои се предложени како можни прифатливи граници на тоа што е нормална односно очекувана вредност.

Заради ваквиот различен пристап кон методата на анализирање препорачливо е еден параметар да се следи на ист апарат. Значи таму каде што сте почнале да следите еден параметар истиот да се следи со истата метода на читање. Во спротивно се случува пациентите, со цел да си ги потврдат или исклучат неочекуваните резултати, да се прегледуваат од една лабораторија во друга и без да ги видат референтните вредности да испаничат заради нивната разлика.

Па во секоја следна лабораторија да прашуваат зошто се различни овие резултати од резултатите на другата лабораторија, па дали се точни апаратите и така следат разговори кои не водат никаде, најмалку до посакуваниот одговор.

Често пати резултатите од поедини анализи се разгледуваат како изолиран параметар или број. Што е крајно грешно. Имено, секогаш нам на лекарите корелацијата меѓу поедини анализи ни е побитна и многу повеќе може да ни каже за состојбата на пациентот отколку вам како пациенти на кои таквите корелации не ви се познати. Еве пример. Ако имате гликемија која е лесно покачена и не е придружена со подигање на вредностите на триглицеридите како и вредностите на маркерите на црниот дроб тогаш таа покачена гликемија може да значи дека сте јаделе подоцна ден пред да дојдете на анализа, но може да значи и дека е реактивна хипергликемија (предизвикана од стрес и хроничен замор) и дека истата ќе се регулира сама по себе. Ако се уплашивте дека е дијабет треба да знаете дека за да се постави таква дијагноза следат низа додатни испитувања (гликиран хемоглобин, орален глукозо толерантен тес, концентрација на Инсулин во крв, Ц-пептид…) кои ќе треба да го потврдат ова заболување.

Многу често се паничи заради еден изолиран параметар и тоа е сосем нормално кога не се знаат многу податоци од физиологијата на човечкиот организам и тоа како органите функционираат во едно единство и хармонија, како и тоа кога е нарушена таквата хармонија.

Би сакала да напоменам уште една честа ситуација која треба да се има во предвид а тоа е дека поедини параметри се менливи во текот на денот и имаат свој биолошки циклус на постоење. Ако денес во неколку наврати мерите концентрација на глукоза во крв тогаш секогаш ќе добиете различен резултат. Затоа диабетолозите имаат своја динамика на испитување на глукозата која ја нарекуваат – дневен глукозен профил – ќе треба внимателно да ги следите инструкциите кога точно треба да измерите шекер во крвта. Параметрите се менуваат и под дејство на одредени терапии. Ако сте мереле број на леукоцити во крв пред и по земањето на антибиотици секако дека нивниот број ќе биде различен.

Обратете вниманиот и на типот на тестот. Пример испитувањето на јонизираниот калциум и
вкупниот серумски калциум ни даваат два различни одговори. Антигенските Ковид тестови се разликуваат во својот одговор од серолошките тестови за испитување на Ковид 19. При одредени состојби на организмот и нормално е дека некои параметри ќе бидат соодветно покачени и таквото ниво знае некогаш да го заведе процесот на дијагностицирање во погрешен правец. Така на пример тумор маркерите при воспалителни процеси знаат да бидат со покачени вредности и таквите вредности не се земаат во предвид при поставување на дијагноза. Секоја покачена вредност на тумор маркерот не значи дека боледувате од канцер.  Затоа се воспоставени точно одредени протоколи за тоа кои анализи кога и во кои состојби се испитуваат.

Од денешното четиво сакам да остане пораката дека не треба за еден параметар да се прошетаат сите лаборатории во градот се додека не го добиете посакуваниот резултат. Треба да се следат параметрите на ист апарат со иста метода на читање на концентрации. Консултирајте лекар за да знаете која анализа кога треба и дали воопшто треба да ја работите. За резултатите е најдобро да побарате толкување на резултатите од оној кој го дал упатот за изработка на одредени анализи затоа што тој го поставил прашањето тој и може да ви го даде пдговорот на тоа што се случува со вашиот организам. Тоа не е лаборантот на шалтер во лабораторија, тоа не е Гугл или некој блог за здравје, тоа треба да биде лице кое е стручно оспособено да ги протолкува анализите и да ги препознае состојбите кои се карактеризираат со тие анализи.