Еурофарм Пелистер денес се враќа во Битола откако вчера беше поразен на гостувањето од Татран Прешов кој најде начин како да му се реваншира за поразот во Битола. Битолчани и на овој натпревар беа предводени од Божидар Мојсов, а младиот тренер по натпреварот на официјалната прес конференција рече:
–Денес бевме малку несреќни во некои ситуации, а екипата на Татран Прешов не победи. Без разлика на поразот, имам чувство дека го дадовме максимумот. Татран во вториот дел го покажа својот квалитет и карактер. Нам ни преостанува последниот натпревар во групата против ППД Загреб.
Елмир Граџан вели дека верува дека од овој натпревар се наѕираат знаци за излез од негативниот период и додава:
-Честитки за екипата на Татран Прешов за победата. Натпреварот беше навистина добар, мислам дека и ние бевме добар противник од самиот почеток. Имавме тежок пат, многу натпревари и овој пораз е последица на сите тие фактори. Но, по поразите во Европската лига и од Вардар, мислам дека игравме наша игра, наш систем и се враќаме на прав пат.