Press "Enter" to skip to content

Совети од лабораторија: Ц-реактивен протеин или популарниот CRP

Авторот е дел од тимот на ПЗУ “Д-р Костурски“ во Битола, во дијагностичкаta биохемиска лабораторија.

CRP е кратенка што значи Ц реактивен протеин, тој е протеин кој се произведува во црниот дроб. Неговата концентрација во венска крв се користи како значаен биохемиски параметар за многу состојби.

Зголеменото ниво на Ц-реактивниот протеин (утврдено преку соодветен крвен тест) се смета за неспецифичен ,,маркер”за некакво заболување. Тоа значи дека CRP покажува дека постои некое воспаление во организмот, но не може да ја одреди неговата точна локализација. Покрај CRP, во крвта постојат и други воспалителни маркери, како што се: фибриноген, амилоид А и интерлеукин 6.

Всушност, ваквото зголемено ниво може да укажува на типични инфламаторни заболувања, како ревматоиден артритис, лупус, васкулитис и други. Но, пред сé, овој протеин е маркер за кардиоваскуларното здравје.

Податоците од голем број на студии укажуваа дека на долг рок и ниските нивоа на хронично воспаление во организмот можат да водат до сериозни хронични заболувања, поврзани најчесто со возраста: кардиоваскуларни заболувања, некои типови на канцер, невродегенеративни болести (Алцхајмер, Паркинсонова болест итн).

Но, можат да се сретнат и ненормално ниски вредности кај пациенти кои се на терапија со лекови за намалување на маснотиите (Статини) и кај оние кои се на терапија со Аспирин.

Имаме ли симптоми кога имаме покачено ниво на Ц-реактивниот протеин?

За жал, зголеменото ниво на CRP во организмот нема јасни, видливи симптоми кои би можеле лесно да ги забележиме, зартоа  овој маркер ни служи за рана детекција на ваквите состојби дури и при појава на неспецифични симптоми.

Покаченото ниво на овој протеин може да биде знак за некои сериозни заболувања, вклучително кардиоваскуларни, малигни (особено кај лимфомите), инфекции и автоимуни заболувања како ревматоиден артритис, ревматска грозница, васкулитис (воспаление на ѕидовите на крвните садови) лупус,

Од воспалителни процеси кои многу рано ќе дадат зголемени вредности на ЦРП во крвта се бактериските инфекции. Развојот не една пнеумониа многу брзо ќе резултира со вредности на ЦРП кои можат да бидат особено високи. Цревните инфекции ќе резултираат со висок ЦРП дури и пред покачувањето на седиментацијата и вредноста на леукоцитите. Туберкулозата пак од своја страна се карактеризира со средно високи вредности кои долго остануваат на тоа ниво.

Заедно со Тропонинот, Аспартат-амино трансферазата, Креатинин киназа изоензин ЦРП се вбројува во маркер за детекција на инфаркт на миокардот.

 Она што го прави  корисен ЦРП како маркер на воспаленија е тоа што неговите вредности  ни овозможуваат лесна диференцијација меѓу вирусни и бактериски инфекции. Имено кај бактериските инфекции секогаш имаме зголемени вредности на ЦРП за разлика од вирусните кои често минуваат со нормални вредности.

Во  контекст на КОВИД заболувањето оваа анализа се користи заедно со Д-Димери анализата за проценка на тежината на состојбата на пациентите и можните компликации кои би можеле да се очекуваат. Овие две анализи имаат детерминирана динамика кога се испитуваат кај пациентите заболени од Ковид.