Press "Enter" to skip to content

Во библиотеката во Горната Гимназија самостојни изложби на матурантките Елена и Марија (фотогалерија)

Матурантките во Гимназијата “Јосип Броз Тито“ во Битола, Елена Грозданова и Марија Нешкоска, своите матурски испити по предметот ликовна уметност, успешно ги одбранија со самостојни изложби на сликарски дела. И двете матурантки од Битола, своето идно образование го гледаат во сферата на уметноста и сликарството. Овие две особено надарени средношколки, својот сликарски талент го прикажуваат и потврдуваат на оваа изложба која е нивни изложбен првенец.Елена и Марија, ова ви е прва самостојна, поточно заедничка изложба за пошироката јавност поставена во библиотеката на Горната Гимназија во Битола. Што беше тоа што ве охрабри за да ги претставите вашите дела?

Елена: Ова е мојата прва изложба, која ја изработив како проектна задача за матура. Пофалбите на професорите, особено професорот по ликовна уметност, Александар Поповски, како и библиотекарот м-р Драган Ристевски, кој ја откри нашата дарба, потоа соучениците и целото училиште , беше она кое ме поттикна да ги експозирам моите дела.

Марија: Оваа изложба е всушност, матурски проект. Имав потреба да ги претставам своите идеи преку слика, си поставив предизвик и решив да го исполнам. Со поддршка од професорите и библиотекарот, магистер од областа за надарени и талентирани, ја организираше оваа поставка, јас имав шанса да ја исполнам својата замисла.Од кога се занимавате со цртање, сликарство и креативно изразување и како ја откривте оваа пасија?

Елена: Со цртање се занимавам уште од раното детство. Тоа што првично ме мотивира да започнам да цртам и креирам, беа цртаните филмови. Паметам по цели ноќи и денови гледав цртани. Им се восхитував на креаторите.

Марија: Како сите деца, така и јас- цртав, играв и се радував на креативниот процес кога создавав нешто. Подоцна, почнав да посетувам часови во Ателје и почнав да ја увидувам длабочината на уметноста, нејзиното значење и вредност. Секако, продолжив да ги развивам вештините и да откривам многу нови начини како да ги гледам нештата само со помош на визуелната уметност.Учите во Горната гимназија и често другарувате. Од кога датира вашето пријателство?

Елена: Јас и Марија, се знаеме од основно каде учевме во исто одделение, а во горната гимназија, каде осто така продолживме во ист клас и целосно се зближивме. Нашата приказна е тоа што ние сме две спротивности, кои создаваат една целина, а тоа е нашето пријателство.

Марија: Ние се знаеме од основно, а во средно целосно се зближивме. Нашата приказна е тоа што ние сме две спротивности, кои создаваат една целина-нашето пријателство.Вашите дела предизвикаа особен интерес кај посетителите. Кажете ни нешто повеќе за делата?

Елена: Ја обожувам креативноста.Сакам некогаш да комбинирам и разни материјали, сакам да експериментирам. На некои дела успеав да комбинирам и скулптура со слика. На делата работев со различни медиуми ( акрил, темпера, фломастери, дрвени боици, молив и слично.

Марија: Сакав да изработам слики со цел да го прикажам самиот творечки процес на оживување на несвесното. Имав намера да се ставам во улогата на уметникот кој создава инстинктивно. Во текот на работењето забележав дека сликите и симболите, што сакав да ги прикажам, во суштина во текот на историјата имало безброј создадени уметности со слични тематики. Тргнувајќи од тука, напишав приказна која што ја дообјаснува приказната која сакав да ја прикажам преку сликите. Таа помогна да откријам, дека сликите и симболите што се манифестирале во свеста се во суштина одредени архетипи.Еден од факторите за креативност и создавање уметност е инспирацијата на уметникот. Која беше вашата инспирација ?

Елена: Инспирација ми беше мојата имагинација, фантазија , креативноста, моќта на човековиот ум да создаде нешто што не е дел од физичкиот реален свет. Бидејќи, уште од првата појава на човекот, тој повеќе знаел за фантазијата отколку за реалноста. Верувал во натприродни суштества кои произлегле од неговата имагинација. А да потсетиме, и самата фантазија ги поттикна научните откритија. Воедно, инспирација добив и од свои лични соништа… верувале или не и соништата се извор на фантазијата.

Марија: Сакам да ги поврзувам работите, да ги откривам одговорите, да ги барам вистините. Дел фантазија, дел соништа и дел анализа на човековата психа, или пак случки од секојдневието, кои поврзани во едно, создаваат приказна. Понатамошно анализирање на настаните ,појавите и личностите води до нови прашања. Главното и основно прашање е, дали светот е медиумот преку кој психата истовремено и се изразува и се открива себеси? На тоа прашање, одговор барам и јас.На прагот сте на матурските испити и почеток на нови поглавја во учењето. Што планирате понатаму?

Елена: Сонувам да работам како илустратор, па најверојатно ќе продолжам на тоа или слично поле. Животот е пред мене.

Марија: Иднината ја гледам исполнета според плановите кои ги имам поставено. Секако уметноста ќе биде во мојот живот и понатаму.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »