Press "Enter" to skip to content

Совети од лабораторија: фибриноген – штитот кој не дозволува да искрвавиме

Авторот е дел од тимот на ПЗУ “Д-р Костурски“ во Битола, во дијагностичкаta биохемиска лабораторија.

Фибриноген е протеин кој се произведува во организмот и игра многу важна улога во процесот на згрутчување на крвта. Кога има оштетување на ткивото, на пример, ако се исечете, фибриногенот дозволува формирање на тромб и на тој начин спречува губење на крв. Протокот на фибриноген е важен затоа што во спротивно дури и малите повреди би биле опасни по живот.

Високо ниво на фибриноген во крвта може да предизвика формирање на несакани тромби, што може да доведе до срцев или мозочен удар. Исто така, вишокот фибриноген може да ја згусне крвта и да го забави нејзиниот проток, а со тоа и снабдување со кислород и хранливи материи до виталните органи и мускули, што може да доведе до замор, болка во мускулите, па дури и до губење на меморијата. Иако не мора да е случај, покачен крвен фибриноген може да се забележи и при акутни инфекции, малигни заболувања, коронарна срцева болест, миокарден инфаркт, мозочен удар, ревматичен артритис, траума, прекумерно пушење, бременост, болест на периферните крвни садови.

Бидејќи фибриногенот се синтетизира во црниот дроб, разни болести кои го напаѓаат црниот дроб имаат свои симптоми кои посочуваат кон нарушувања на коагулацијата на крвта, процес во кој фибриногенот игра клучна улога.

За да се откријата аномалиите кај фибриногенот прво, потребен е крвен тест за да се утврди дали има покачено ниво на фибриноген во крвта. Ако со тест на крвта се открие покачено ниво на фибриноген, се препорачуваат следниве мерки за нормализирање:

Контрола на шеќер во крвта – дијабетичарите имаат многу поголем ризик од срцев удар и мозочен удар. Овој ризик произлегува од повеќе причини, а покачените нивоа на фибриноген се една од нив. Контролата на шеќерот во крвта може да има значително влијание врз нивото на фибриноген во крвта.

Редовно вежбање – може да помогне во промовирање на подобар проток на крв, а со тоа да се намали количината на фибриноген што циркулира низ системот.

Маслиново масло во исхраната – може да помогне во намалување на нивото на фибриноген во крвта.

Додавањето на Омега-3 масни киселини, а особено рибиното масло, го намалува ризикот од срцев удар. Покрај тоа, рибиното масло ги намалува триглицеридите, зголемениот вискозитет на крвта и, меѓу другото, фибриногенот во крвта.

Витамин Ц – може да помогне во нормализирање на фибриногенот, а препорачаната количина е 2000 мг витамин Ц. Храна богата со витамин Ц – агруми и повеќето други овошја, зеленчук (скоро сè) – но особено пиперки и брокула

Храна богата со витамин Б – млечни производи, риба, месо, мешунки, цели зрна, зелен лиснат зеленчук, семиња, ореви.

Храна богата со фолна киселина – црн дроб, цели зрна, зелен лиснат зеленчук, овошје, ореви, квасец.

Намалете го внесувањето слатки и закуски.

Фибриногенот е едноставно нашиот внатрешен невидлив фластер кој ги обвива нашите рани и недозволува крварењата да продолжат во недоглед. Одржувањето на неговиот баланс е нашиот штит при повреди, барем за оние од физички карактер.

More from СоветиMore posts in Совети »