Press "Enter" to skip to content

Роберт Митковски-тренер на Пелистер Волеј, второ место во втора фаза-2 или осмо во севкупниот пласман најдобар резултат до сега

Пелистер Волеј од Битола ја заврши прволигашката сезона 2020/2021 на второ место во втора фаза-2 или 8 во севкупниот пласман, а тоа значи најуспешна сезона до сега, со најголем број остварени победи, со позитивни сет и поен количници, далеку над просекот на секогаш младата екипа од Битола.

-Ико еднаш завршивме и во горниот дел како 6-то пласирани, сепак ова е сезона за паметење по сите параметри. Одигравме вупно 20 кола во кои забележавме 14 победи и 6 порази, во првенство во кое последните 6 кола игравме без право на грешка, односно без право на пораз на терен во Битола и во гости. Одигравме 3 Куп натпревари, забележавме убедлива победа во 1/8 финалето, но бевме сопрени во 1/4 финалето, вели Роберт Митковски, тренер на Пелистер Волеј, кој за тоа како оваа млада екипи го издржа физичкиот и психолошкиот напор на младите одбојкарки додава:

-Екипата беше фантастично и беспрекорно физички подготвена, одигравме сезона во која како да не постоеше замор, без повреди, а во последните натпревари имавме чувство дека само што сме започнале да играме. И тоа нималку не е лесно имајќи во предвид дека и ова беше корона сезона, па како и останатите и нас од почеток до крај не “тресеа“ поединечни случаи, па речиси целиот тим се соочи со овај предизвик.

Младите одбојкарки од Битола, беа мета на селекторите во сите селекции на репрезентациите, посебно на помладика. Како тоа се одрази на екипата?

-Често бевме некомплетни заради отсуствата на поедини играчи како дел од репрезентацијата на Македонија, па имајќи го фактот дека ова е екипа составена воглавно од играчи кои се во прогрес, односно играчи кои допрва треба да созреваат, дополнително не прави горди на успехот кој го постигнаа овие девојки во едни вакви вонредни услови, но кога се работи за така високи цели, како кога се работи за репрезентацијата, секоја “жртва“ е однапред оправдана, вели Митковски.

Пелистер Волеј оваа сезона како и минатите играше само со домашни одбојкарки, што не е случај со другите екипи.

-Пелистер Волеј и оваа сезона одигра со сопствени сили и со сопствен погон, со играчи производ на нашата школа, од нашиот град, од Битола. Да избориш пласман во суперлигата која ќе се формира наредната сезона и ќе брои 8 екипи од сегашните 14 не е мала работа. Не е мала работа затоа што зад нас останаа екипи и имиња далеку поголеми од нас, екипи со поголема историја и искуство, екипи меѓу кои има шампиони и вицешампиони. А Пелистер составен од младински погон, без странци во своите редови оствари неверојатен прогрес, вели Митковски, која ја коментита и официјалната статистика и вели:

-Што се однесува до статистиката, која е од непроценлива вредност за стручниот штаб, без која нема прогрес, а секогаш е најинтересна за публиката, таа говори дека речиси сите (18 играчи) освојувале поени, од кои дури 10 освоиле 99% од поените што секако е за пофалба и говори дека ова не е екипа која ја носат само еден или два играчи, туку дека се работи за силен колектив кој напаѓа буквално од секоја позиција, што претставува едно богатство и ветува многу за идната сезона.

Ева Трпеновска со 258, Стефани Најдановска 240, Ана Пејовска 211, Меланија Каралиоска 98, Ивана Белокозовска 85, Теодора Андоновска 61, Ивана Василевска 59, Михаела Цветановска 37, Јана Василевска 27, Тамара Жабјановска 12, Сара Димовска 5, Ирина Трајковска 3, Андреа Стојановска 3, Ева Пајаковска 2, Теона Богдановска 2, Анастасија Ристевска 2, Сандра Дамчева 1, Јована Ристевска 1  се одбојкарките кои освоија поени оваа сезона, според одличната статистика на тренерите Роберт Митковски и Александар Темелковски. 

Иако е рано, сепак во Пелистер Волеј Размилуваат за наредната сезона, па веќе е направен планот за подготовки за што Митковски вели:

-Пред нас е сезона во која ако сакаме да парираме на клубовите во елитата ќе мора да одработиме перфектни подготовки. Но, не само тоа, тоа нема да е доволно. Апелираме и на далеку поголема поддршка од локалната самоуправа, затоа што наредната година ќе се соочиме со сериозни противници и во Битола ќе се игра многу поквалитетна одбојка, која како спорт е силно поддржана и од националната телевизија МРТ, многу натпревари ќе се следат во живо и на спортскиот канал, па од тука одбојката како спорт ќе биди голем промотор на нашиот град.

Дали идната сезона се во план засилувања во тимот на Пелистер Волеј, Митковски вели:

-Планираме и засилувања, а за се да биди како што треба, градот можи и мора цврсто да застани зад нас, затоа што нашиот Пелистер Волеј финансиски не е од калибарот на останатите суперлигаши, но со својата стабилност еве веќе точно една деценија, заслужува да добие далеку поголеми поддршка и внимание. Време е нашите и ваши битолчанки да бидат на високо ниво, онака како што заслужуваат. Затоа нема одмор, сезоната можеби заврши, но за нас штотуку започна.

С.Ристевски