Press "Enter" to skip to content

Промоцијата на романот “Јоше“ од писателот Петре Димовски

Во салата за промоции на НУУБ “Св. Климент Охридски“ во Битола, беше промовирана книгата на истакнатиот македонски писател Петре Димовски,  кој е во издание на Друштвото на писатели “Битолскиот книжевен круг“, а рецензијата е на академик Владимир Костов.

Изданието го промовираше уредникот Елизабета Јончиќ, претседателката на “Битолскиот книжевен круг“, која рече:

-Романот „Јоше“ од писателот Петре Димовски е социјален роман со силна мудрост и јачина на сижето што ја истакнува клучната идеја на авторот – низ литерарната фикцијата со особено ракување со јазикот да прикаже еден животен пат пропратен со мошне впечатлива поетика. Роман кој го прикажува систематското единство на животниот тек, проткаено со макотрпни тешкотии и борба за опстојување вон ограничувањата на материјалниот свет. Впечатливо и референтно обзнанување на идеолошката природа и нејзините процеси врз човечкото суштество, во несигурната и непредвидлива егзистенција. Во него се претставени сознанија за употребата на продолжување на животот, стремеж кон возвишени идеали, чесност. Спротивставување и надминување на тешкотиите, проширување на меѓусебното разбирање во човековото живеење и дејствување, тоа е роман за надминување на несигурноста, болката и страдањето, роман за опстојот на тешката судбина на македонскиот народ.

-Низ ракописот од најновиот роман на Димовски пробива една збиена енергија која читателот духовно го презема и исполнува и по секое прочитување излегува збогатен со убавината на уметничкиот збор. Главната одлика на романот е фасцинантна нарација, јадровитост и длабока мисловна мудрост. Драгоцено својство на романот е тоа што, сеедно што третира комплицирани психолошки проблеми, е прооден и лесно читлив, истакнува рецензентот Владимир Костов.