Четворица ракометари на Еурофарм Пелистер вчера во Битола ги одиграа последните натпревари, а од идната сезона во “Боро Чурлевски“ ќе ги нема капитенот Чаневски, Стјепановиќ, Вегар и Петровски. Голманот и капитен на клубот од Битола, Градимир Чаневски, по завршувањето на натпреварот, со многу емоции проговори за тоа како ги помина изминатите 5 години во дресот, прво на Еурофарм Работник, а потоа Еурофарм Пелистер. Беше изненаден од подарокот врамен негов голмански дрес, а на клубот и неговите клубски другари им ги возврати желбите на успешно продолжување на кариерата.
За изминатите пет години во Битола, од денот кога Еурофарм Работник тргна со посериозни предизвици Чанески рече:
-Благодарен сум на клубот за шансата овие пет години да бидам тука. Мислам дека обострано беше задоволството – мислам дека и јас возвратив, како што тие што многу ми дадоа. Сакам да се заблагодарам на публиката, ни недостигаше оваа година. Немам зборови и многу сум задоволен од прикажаното. Дадов сè од себе да се покажеме во најдобро светло, а за клубот додаде:
-Амбициите на клубот растеа и понатаму ќе растат. Имаше турболентни периоди во овие измонати пет години. Во еден период бевме втор клуб во Битола, се изборивме да бидеме заедно и веќе овој проект е многу сериозен. Му посакувам многу успеси на Еурофарм Пелистер во иднина.
Чаневски ја анализира сезоната, во која битолчани целосно се доближија до Вардар, но не освоија ниту еден домашен трофеји рече:
-Мислам дека имавме успешна сезона, со мал пад пред осминафиналето на Европската лига и натпреварот против Вардар кога сезоната ја одлучуваа неколку години. Ни дојдоа и повредите во тој период. Цел ни беше да ја минеме групата во Европската лига, го сторивме тоа. Наидовме на посилен противник во осминафиналето и потоа заслужено испаднавме. Во СЕХА лигата сме во четвртфиналето и имаме што да кажеме таму во август. Во шампионатот одигравме еден слаб натпревар во Скопје против Вардар и тој исход го реши шампионот, заврши Чаневски. По завршувањето на натпреварот во Битола, мала група од навивачи од “Чкембарите“ со аплауз и скандирање на неговото име му оддадоа чест која Чанески несомнено ја заслужи. Тој тоа не го заслужи само на теренот, меѓу стативите, туку и надвор од теренот. Чанески не остави никаков лош спомен кај битолчани, а секако дека кога тој ќе гостува во Битола, без разлика со домашен или странски тим ќе го има аплаузот од публиката.