Press "Enter" to skip to content

Мирко Радовиќ останува во Битола, вели дека градот е негов втор дом (фото)

Откако пред десетина дена Еурофарм Пелистер најави дека во Битола останува и Црногорецот Мирко Радовиќ, тој го официјализира тоа со ставање потпис на новиот договор за соработка за уште една сезона.На потпишувањето на договорот и правење на официјаланите фотографии и клубот и десното крило не го криеја задоволството од договореното и најавија уште поголем раст следната сезона. Радовиќ веќе две и пол сезони настапува во Битола, а дојде од црногорскиот шампион Ловќен.

Мирко Радовиќ, по потпишувањето на новиот едногодишен договор рече:

-Тука сум веќе две и пол години и на обострано задоволство дојде до продолжување на соработката. Се договоривме спонтано, а така е некако најубаво. Сакам да се заблагодарам на цел град, посебно на „Чкембарите“. Тоа што го доживеав во последниот еден месец не го сонував и во најлудите сништа. Полно ми е срцето и сакам да им се заблагодарам на навивачите и на сите луѓе низ град кои ме поздравуваат и ме бодрат. Битола е моја втора куќа и луѓето направија да се чувствувам на секој чекор како дома. Секој ден клубот расте и се гледаат тие чекори. Недостигаа трофеите, останува жал за пропуштеното. Титулите се решаваа во само неколку голови. Ќе видиме следната сезона, кога ќе биде полна салата ќе биде поинаква приказна. Знаеме што значат навивачите, цел град и симпатизерите во „Боро Чурлевски“. Нема збор околу тоа.