Press "Enter" to skip to content

МКЦ Битола со јавна дискусија: да се отворат јавните институции за прием на волонтери (фото)

Денес во Битола, во хотелот “Милениум“ Младински културен центар од Битола организираше јавна дискусија по нацрт предлогот за измени и дополнувања на Законот за волонтерство и Нацрт Стратегијата за промоција и развој на волонтерството 2021-2025.

Поради надминување на предизвиците од 14 годишната имплементација на Законот за волонтерство и понатамошен развој на волонтерските политики во државата, на иницијатива на неколку граѓански организации, со поддршка на кабинетот на Премиерот на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика беше покрената иницијатива за измени и дополнување на Законот за волонтерство во Република Северна Македонија и креирање на нова национална Стратегија за развој на волонтерството. Работна група составена од претставници на државните органи и граѓански организации изминатите неколку месеци интензивно работеше на подготовка на предлозите за измена и дополнување на Законот за волонтерство и нацрт новата Стратегија за развој на волонтерството 2021-2025.-Клучни подобрувања на законските решенија се состојат од повторното регулирано отворање на јавните институции за прием на волонтери и нивно усогласување со Законот за трансформација во редовен работен однос, кој изминатите години ја отежнуваше работата со волонтери во јавниот сектор. Понатаму, допрецизирани се одредбите за тоа што е волонтирање и се разграничува од задолжителната пракса, стажирањето, општо корисната работа и практикантството. Како организатори на волонтерска работа во новите предлог решенија се вклучени и социјалните претпријатија во согласност со закон. Исто така, поедноставена е процедурата за регистрација на странски волонтери и е скратен рокот за добивање на согласност на 10 дена. На крајот, зајакната е улогата на Националниот совет за развој на волонтерството кој сега е дел од законските одредби, изјави Златко Талевски, Извршен директор на Младински културен центар – Битола.

Во новата Стратегија за развој на волонтерството предвидени се мерки и активности за промоција на волонтирањето кај пошироката јавност, поттикнување на културата на волонтирање и волонтерските вредности во рамки на образовниот систем, мерки за институционална поддршка на волонтерските организации и финансирање на волонтерски активности како и мерки за зголемување на волонтирањето во граѓанскиот сектор. Стратегијата ќе биде донесена за периодот од 2021 до 2025 година.Со новите законски измени се надминуваат предизвиците и практичните потешкотии за ангажман на волонтерите, посебно во јавниот сектор. Се дава позитивен придонес за понатамошен развој на волонтерството како дејност од интерес на граѓаните која дава квалитет во развојот на локалните заедници и подобрување на квалитетот на живот и солидарноста. Законот е на јавна расправа до 22 јуни 2021 година, по што ќе биде доставен на разгледување и усвојување во македонското Собрание. Покрај денешната дискусија во Битола, МКЦ-Битола ќе организира уште две консулативни средби наредната недела во Прилеп и Охрид.

Активноста е во рамките на проектот Пат Западен Балкан 6 (ROUTE WB6) – Регионална програма за прекугранична размена на волонтери под водство на РИКО, а поддржана со фондови на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка. Младински културен центар – Битола е координатор за активностите на проектот во Република Северна Македонија.