Press "Enter" to skip to content

Ординација “Д-р Чипуровски“: полипите на жолчното ќесе

Со д-р Васил Чипуровски, претставувајќи ја  специјалистичката интернистичка ординација “Д-р Чипуровски“ во Битола, информираме  за најсовремени апарати во медицината за прегледи на внатрешните органи, кои ги поседува. Низ овие разговори  добиваме и стручни медицински информации за многу интернистички заболувања и нивно откривање и понатамошно третирање. За истите  постои голема заинтересираност.

Овој пат д-р Васил Чипуровски зборува за полипите на жолчното ќесе, за што вели:-Полипите на жолчното ќесе се бенигни туморозни формации за кои етиологијата на настанување е непозната, а се формираат со прекумерен раст на клетките од слузницата на жолчното ќесе. Постои голема разлика во нивната форма, големина, бројност најчесто клинички асимптоматски, поретко со појава на тапа болка под десен ребрен лак, воспалување на жолчното ќесе.

Најчест метод за дијагностика на полипите на жолчното ќесе е ултразвучниот ехо приказ при што постојат три основни диференцијално дијагностички разлики во однос на холелитијазата (камчињата во жолчно ќесе), тоа е фиксираноста на полипите за ѕидот на жолчното ќесе, отсуство на мобилност при промена на положба на пациентот, отсуство на акустични сенки.

Лекувањето е хируршко и се спроведува при постоење на болка, повеќе полипи и зголемување на димензиите на полипот над 10 мм, во спротивно доволна се ехо контроли.