После четири долги години, во коишто “Интимен Театар“ од Битола не беше финансиран од Министерството за култура, оваа година доби финансиски средства и ја реализира претставата “Леонд и Лена“ по текстови на Георг Бихнер, како и по документарни материјали, во режија на Софија Ристевска- Петрушева. Во претставата играат: Анастазија Христовска, Валентин Дамчевски, Никола Стефанов и Антонио Китановски.
-Со оглед на тоа што пандемијата го зеде својот данок и остави без работа многу артисти што беа на слободна пракса, во “Леонд и Лена“ , Интимен Театар ангажира млади, прекрасни, невработени глумци, што максимално посветено ги извршија своите актерски задачи во проектот, рече на прес конференцијата, режисерката Софија Ристевска- Петрушева, која за самата претстава додаде:
-Претставата раскажува повеќе приказни од животите на четворица млади луѓе што упорно се борат да успеат да живеат во градот кадешто се родиле, и константно се спротивставуваат на огромниот притисок од нивната непосредна околина да заминат, и да емигрираат засекогаш. Нивната борба за живот во сопствениот град, е нивната љубовна песна, посветена на тој град. Ликовите од “Леонс и Лена“ се вљубени во идејата за останување свои на своето, и се активно водени од мотото за ненапуштање на сопствениот дом.
-Во време на масовно заминување, оваа претстава е своевиден дигнат глас за останувањето и радувањето. Лебедова песна за убавината на животот во својот свет, таму кадешто не си дојденец, и дефинитивно не си емигрант! Оваа претстава е посветена на еден град што се бори, на еден град што преживува, и што има огромна желба да продолжи да живее! Град што не се предава, велат младите актери, Анастазија, Валентин, Никола и Антонио.
Сценографијата, видеата и дизајнот е на Михаел Димитровски, уметничко оформување на плакат и видеа на Валентин Дамчевски, кореографија и вокален тренинг – Стефанија Милевска Враниќ, кореографија и сценски движења – Кире Миладиноски, светло мајстор – Томе Ѓорѓиевски, тон мајстор – Александар Талевски и 0ператор на видео бим – Антонио Ивановски.

Со оглед на тоа што заради пандемијата, “Интимен театар“ може да прими само по 20 луѓе публика на изведба, претставата ќе се игра на неколку дати и тоа на 20, 23, 25 и 30 јуни со почеток во 20 часот.











