Press "Enter" to skip to content

Промовирана книгата “Битолски хорологион“ од авторот проф. д-р Марјан Танушевски

Книгата „Битолски хорологион“ е најново авторско дело на новинарот на МИА, Марјан Танушевски кое содржи 21 новинарска приказна од културната историја на Битола.Книгата „Битолски хорологион“ според промоторот м-р Љупчо Јаневски, директор на државната Агенција за поддршка и промоција на туризмот, претставува публикација напишана со флуентен јазик наменета за широк дијапазон на публика.По многу нешта авторското дело на д-р Марјан Танушевски може да биде искористено од туристите што го посетуваат градот, а одредените знаменитости да станат туристички атракции што не треба да се одминат. Сигурен сум дека книгата ќе ги мотивира читателите да ги посетат и да ги откријат Битола и Битолско на еден различен, личен начин, кој долго ќе остане во сеќавање.Книгата се чита во еден здив, но доколку сакате да ја доживеете и да ја откриете нејзината длабочина, ќе ви биде потребно внимателно да навлезете во секоја приказна, чепкајќи и враќајќи се неколкупати на напишаното, размислувајќи како авторот и неговата намера. Моето следно читање на „Битолски хорологион“ ќе биде во Битола со кафе на Широк сокак за потоа да ги посетам сите знајни и незнајни места на кои авторот им дал дел од својата душа и ги нанижал како мониста во ова книжевно дело.Освен м-р Јаневски, рецензент на книгата е и д-р Анета Шијакова, новинарка која нагласи дека „Битолски хорологион” од авторот д-р Марјан Танушевски е вредно истражувачко дело, кое не само што открива непознати или помалку познати моменти од историјата на Битола, туку на еден ненаметлив и модерен начин ги зачувува и ги става во една нова пишана ризница, која ќе биде интересно четиво и за генерациите што доаѓаат.-Една од најголемите вредности на делото на Танушевски, што успева да ја истакне додадената вредност на историјата поврзана со Битола и да ја претстави во функција на нејзина туристичка промоција. Нешто што сега се прави преку, од една страна, научноистражувачки пристап поткрепен со многу податоци и научно докажани факти, а од друга страна, тоа се презентира на начин прифатлив за времето во кое живееме – во облик на интересно четиво за генерациите што немаат време да читаат долго и нашироко, туку бараат кратко и концизно да ги восприемат најважните и најинтересните податоци за она што им се нуди. Токму таков е „Битолски хорологион” – како еден вид часовник, кој води сметка да понуди што повеќе во што пократко време.

Книгата „Битолски хорологион“ е издание на МНД-Битола, поддржано од Општина Битола.-Да бидете градоначалник на ваков град како што е Битола и да имате идеја чија реализација подразбира можност да оставите еден белег, белег на пулсот на живеењето на градот низ вековите, несомнено е нешто што без двоумење, треба да биде стартно поддржано од општината. Самата книга она што го обработува, кажува социјални, економски, културни и низа други елементи и аспекти на живеењето на пулсот на животот на градот и остава еден исклучително значаен научен белег. Се радувам што промоцијата се прави токму денес на најдолгиот ден, којшто е симбол и на она што значи долго милениумско постоење на нашиот град, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, испраќајќи искрени честитки до авторот на книгата.

Содржината на книгата е конципирана во периодот 2020 и 2021 година, изборот е направен од објавени новинарски стории и теми на авторот во МИА.-За изработка на книгата реализирани се бројни интервјуа, прочитани многу книги, монографии, анализирани фотографии, посети на институции. Инспирацијата беше водена од сончевиот часовник хорологион изработен во 157 година во Хераклеја кој денес се чува во битолскиот Музеј, а понудени се и други реткости. Книгата има симболична врска со денешниот ден, летен солстициум – најдолгиот ден во годината, посочи авторот Танушевски.

More from КултураMore posts in Култура »