Press "Enter" to skip to content

Вечерва се затвора Фестивалот на монодрама, доделување награди и премиера на “Луди за љубов“ (фото)

Вечерва на затворањето на 22. по ред Фестивал на монодрамата во Битола, публиката ќе има можност да ја погледне “Луди за љубов“ драмски текст кој зборува за идентитетот, од  Сем Шепард во режија Јован Ристовски, а ќе биде изведена во во чест на наградените од годинешниот фестивал на монодрама што го организира НУ Центар за култура од Битола.

Во претставата играат: Меј – Илина Чоревска, Еди – Хари Михајловски,  Старецот – Борис Чоревски,  Мартин – Валентино Апостоловски.-“Луди за љубов“ е потребата на секој човек да има близина. Ние како цивилизација како да влеговме во еден повторувачки ритам, а човечкото тело ја сака природата. Текстот е сериозно драмско дело каде ние гледаме од античкиот код до денешното современо време, дека некои приказни, дека човечката трагедија се повторува, а тоа значи дека некаде има грешка која се повторува, рече меѓу другото режисерот Ристовски на прес-конференција во Битола.

-За претставата постои голем интерес. Воодушевена сум од овој квалитетен театарски производ што го доби нашиот фестивал и е резултат на континуираната соработка со битолските актери. Претставата ќе биде репризирана, а потоа и поставена на репертоарот на битолскиот театар како независен проект во кој настапуваат актерите Борис Чоревски, Илина Чоревска, Хари Михајловски и Валентино Апостоловски, посочи Маја Андоновска Илијевски, директорка на НУ Центар за култура од Битола и додаде дека оваа година најприсутна на фестивалот е публиката од помладата генерација.Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф Андреј Папаз Горѓиевски, графички дизајн (Дизајн плакат), светло Игор Мицевски. 

Инаку, “Луди за љубов” на американскиот драмски писател и актер Сем Шепард е драмски текст кој зборува за идентитетот. Античкиот код во текстот – инспирација за креирање „Лудите“ во приказната се среќаваат во уништениот мотел во пустината Мојаве, Калифорнија. Меј, женскиот карактер, која долго време живее во таа запуштена провинциска средина. Циклично и се случуваат средби со машкиот карактер Еди, кои се секогаш деструктивни за двата карактери. Ликот на Старецот кој секогаш е присутен во текот на драмското  дејствие, е всушност нивниот заеднички татко. Со тие околности, авторот ја акцентира инцестуозноста во љубовната приказна. Дејствието се случува во еден единствен затворен простор, во собата во мотелот. Времето е линеарно, случувајќи се во една ноќ, односно неколку часа. Сите овие драмски елементи се идентични на античката трагедија, кои Шепард умешно ги вметнува во приказната, отварајќи ги на современ начин истите антички прашања за човековата трагедија и неговото постоење.

Претходно, според востановената традиција, актерите кои учествуваа на 22. издание на Фестивалот на монодрама ќе добијат награда за режија, награда за најдобар актер и Гран при награда, за кои во конкуренција се 10 македонски актери со исто толку монодрамски претстави.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »