Press "Enter" to skip to content

Денес во Битола започнува 4. издание на “Jazz Factory“ со настап на Васил Хаџиманов

Од денес до 3-ти јули во Битола ќе се одржи четвртото издание на фестивалот „Џез фактори“ (Jazz Factory). И оваа година фестивалот во Битола носи реномирани имиња на џез сцената, од регионот и светот.

-За оваа година подготвивме повеќе акустично издание на фестивалот и фокусот е на акустичното пијано, затоа што во Народниот театар има нов и квалитетен инструмент- истакна организаторот проф. Сашо Поповски и додаде:

-Имавме среќа затоа што во пандемската година се создаде нова и интересна музика, имаме 4 премиери на 4 албуми кои ќе може да ги чуеме. Се надевам дека ќе биде едно успешно издание со примена на сите мерки за заштита, така што оваа година имаме 30 проценти на публика.Фестивалот го отвора настапот на Васил Хаџиманов, Мартин Ѓаконовски, Александар Секуловски. Програмата продолжува наредниот ден со настапот на Пеџа Милутиновиќ и Drumbooty квинтет, а на третиот ден настапуваат Human touch и Филип Динев трио.

Како дел од годинешната програма е и хибридната конференција на која ќе зборуваат: Винко Михајловиќ, директор на џез фестивалот во Петровац, Драган Влајниќ директор на џез фестивалот во Кикинда, Ема Попивода, пијанист и директор на Модоарс фестивалот, Бојан Стефковски, директор на Jazz Fortnight фестивалот, Арлет Ховинга, џез прес промотер и медиумски директор на thatjazzgirl.me, Симон Петерман, музички директор и радио презентер , Роби Јамник, директор на Џез Равне фестивалот.

Изложба ќе има и фотографката Татјана Ранташа, а во Порта џез со свој диџеј сет ќе се претстави Јордан Николов.

Досега на фестивалот настапиле: Душан Јевтовиќ, Васил Хаџиманов,  тапанарот од Израел кој живее во Лондон – Асаф Сиркиз, Тони Китановски , Теодосиј Спасов, Виктор Филиповски, Сашо Поповски трио, Фирс, Молли Тролли Квартет, Скопје Џез Инк, Лина Авшар, Cuarem quartet и Наташа Роџерс, Bramha Amity trio, Антоние AVP проект, AJS quartet, Ирена Благојевиќ, Џоле Грујовски квартет, Кабадајас,

Освен музичкото задоволство кое ги очекува битолчани, со овој фестивал под раководство на реномираниот професор и музичар Сашо Поповски, годинава повторно ќе биде доделена наградата на најдобар млад музичар за 2020 година, насловена по познатиот битолски музичар Гоце Димитровски, кој остави неизбришливи музички  траги во текот на својот живот.

Организатор на манифестацијата е професорот Сашо Поповски, реномиран македонски џез-музичар и шеф на џез-катедрата при музичката академија на универзитетот “Гоце Делчев“ – Штип, во соработка со Центарот за културна деконтаминација од Битола.

More from КултураMore posts in Култура »