Press "Enter" to skip to content

Поблиску со Марија Наумоска,  добитникот на признанието Инженерски прстен од Техничкиот факултет – Битола

Добитникот на признанието Инженерски прстен од Техничкиот факултет – Битола,  Марија Наумоска, говори за своите  впечатоци и импресии и  патот што треба да се изоди за да се добие ова високо одлукување за најдобро дипломираните студенти од инженерските факултети.

-Овој текст ќе го започнам така што најпрво ќе се претставам, а потоа ќе се обидам да го доловам патот што го изодив до дипломирањето, и чувството да се биде дел од  добитниците на признанието “Инженерски прстен”.

Јас сум Марија Наумоска од Крушево. Основно и средно образование завршив во Крушево со одличен успех. Во текот на основното и средното образование учествував на повеќе натревари по математика и информатика и се здобив со многу пофалници. По завршувањето на гимназија во Крушево  се решив студиите да ги продолжам на Универзитетот “Св. Климент Охридски”, односно Технички Факултет – Битола. На Техничкиот факултет го одбрав електротехничкиот отсек, насока електроенергетски системи. За струката електро, односно звањето со кое што се здобив по дипломирањето, дипломиран инженер по електротехника насока Електроенергетски системи со просечна оцена 9,95, се решив без многу размислувања и потешкотии при изборот. Едноставно, секогаш сум ја сакала математиката и информатиката. Решавањето задачи секогаш ми претставуваше задоволство, а не притисок, терет и обврска. Електро струката ја одбрав како струка која има иднина и струка во која постојано учиш, се надоградуваш и се трудиш да бидеш најдобар.

Во текот на моите студии никогаш не учев за висока оцена и за висок просек. Секогаш учев за знаење и тоа што го учев се трудев да го применам во текот на мојата практична настава. Никогаш не преполагав ниту еден предмет, што е доказ дека никогаш не ми беше битно да остварам висока оцена. Оцените едноставно доаѓаат сами по себе кога ќе вложите во себе и кога учењето нема да ви претставува терет, туку задоволство и можност да се стекне што повеќе знаење кое може да ве однесе многу далеку во животот. Тука морам да упатам голема благодарност за моите професори на Техничкиот Факултет за големата поддршка, мотивација и знаењето кое ми го пренесоа. Секогаш беа достапни за прашања, разговор, за предлози и нови идеи. Со студентите беа прво пријатели, а потоа професори.  Да знаеш дека имаш професори од кои можеш да научиш многу, а да си слободен за прашања и разговор со нив во секој момент, е најважно за еден студент. Мојот совет и начинот на кој успеав да го совладам материјалот е фокусираност и редовно следење на наставата. Ако материјалот кој е предаден на предавањето го разберете, тогаш испитите и колоквиумите се полагаат многу полесно.Се разбира дека треба напорно учење и откажување од некои работи во текот на студирањето , но мене во ниту еден момент не ми фалеше социјален живот, дружби со колегите и забави, бидејќи знаев добро да си го испланирам времето и бидејќи го студирав она што го сакав.

Во текот на студиите, поточно од втора година па се до моето дипломирање бев стипендист на ЕВН Македонија. Освен стипендијата посетував и практична настава во времетрање од 1 месец секое лето во Корисничкиот енерго центар на ЕВН во Прилеп, каде стекнав пријателства кои до ден денес ги негувам. Практичната настава беше клучен момент кога го споив моето теоретско со практично знаење и со помош на практичната настава уште повеќе го засакав тоа што го учам и имав желба за уште поголемо знаење и надоградување. Затоа велат дека теоријата и праксата одат рака под рака.

Пред да го добијам признанието “Инженерски прстен” бев наградена од страна на ректорот Проф. д-р Сашо Коруновски на Универзитетот “Св. Климент Охридски”– Битола со Пофалница како студент со постигнат најдобар успех со највисока средна оцена 9,95 на Технички Факултет-Битола за академската 2019/2020 година.

Кога сме конечно кон освртот на добивањето на признанието “Инженерски прстен”, пред се морам да кажам дека ми е особена чест и задоволство што како добитник на признанието го претставувам Универзитетот “Св. Климент Охридски” и воедно Техничкиот Факултет – Битола. Признанието “Инженерски прстен” за мене е голем стимул за понатамошно лично надоградување на знаењето и огромна мотивација да бидам уште подобра и уште поуспешна, односно  да вложувам уште повеќе во себе и спремна да се соочам со новите предизвици во иднина. Ова признание е круна на мојот досегашен вложен труд и доказ дека доколку навистина го сакате тоа што го правите и силно верувате во себе, секогаш ќе има некој кој тоа ќе го препознае, вреднува и награди. Претседателот ни порача ова да биде стимул за понатамошно учење и истражување, со цел афирмација и развој на македонското инженерство.Моментално сум демонстратор и студент на постдипломски студии на Технички Факултет – Битола. Подеднакво ја сакам праксата и теоријата. Би сакала во иднина да работам во некој од компаниите за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија, односно АД. ЕСМ, АД. МЕПСО или ЕВН Македонија, реализирајќи го моето практично знаење. Или моето теоретско знаење да го искористам и да продолжам да работам во високото образование пренесувајќи го своето знаење на идните генерации.

Пред сé, на младите сакам да им порачам да го студираат она што навистина го сакаат, за учењето да не им претставува обврска туку задоволство. Техничките науки се науки каде учењето, надоградувањето и идеите никогаш не престануваат. Во инженерството постојано има нови откритија, нови предизвици и нови проекти кои го прават светот подобро место за живеење. Инженерите со своите идеи и размислувања  се потребни за раст, развој и напредок на општеството. Доколку сакате постојано да истражувате и да се надоградувате Техничките науки се вистинскиот избор за вас.

Што и да правите, бидете најдобри во тоа! Вие бидете промената која сакате да ја видите во светот.

More from ВестиMore posts in Вести »