Press "Enter" to skip to content

Центарот за активни млади од Битола и Академија Пандев потпишаа договор за соработка

Центарот за активни млади од Битола и Развојниот центар за млади од Белград и Академијата Пандев од Струмица се состанаа денеска во Струмица да разговараат за идната соработка и да ја официјализираат со потпишување договор за соработка.

По тој повод, концептот на заедничко дејствување го потпишаа Горан Пандев, нашиот најголем фудбалер и претставник на Академијата Пандев, Александра Кнежевиќ, програмски директор на Развојниот центар за млади и координатор на проектот „Создавање животни шампиони“ и Гордана Цветковска Бошевска претставник на Центарот за активни млади и координатор на проектни активности за Македонија.

Горан Пандев истакна дека заедничкиот став на присутните е дека спортот има значајна улога во развојот на општеството и дека мора да му се пристапи на овој начин – како важна едукативна алатка, но и средство за мобилност и поврзување на децата и младите на пошироко меѓународно ниво.

Желбата на сите актери на состанокот е да покажат дека времето на насилство и непријатни сцени на спортските стадиони е зад нас и дека сликата што сакаме да ја вратиме на теренот е слика на задоволни и насмеани деца кои прераснуваат во вистински животни шампиони, учење преку спорт и вредности, како солидарност, толеранција и фер игра.

Гордана Цветковска Бошевска е особено задоволна што потпишувањето на договорот и размената на идеи резултираа со непосредни и конкретни планови за следниот период – Академијата Пандев  ќе биде еден од партнерите на споменатите младински здруженија при изготвување и доставување предлог-проекти до oтворениот конкурс на Фондацијата за деца на УЕФА.