Press "Enter" to skip to content

Промовирана книгата “Математичка поезија“ од Даниела Андоновска-Трајковска (фото)

Во дворот на Педагошкиот факултет во Битола беше промовирана поетската книга „Математичка поезија“ од Даниела Андоновска-Трајковска од Битола, во издание на Центарот за култура и културолошки студии од Скопје. Книгата ја доби наградата „Ацо Шопов“, највисоко признание за поезија што го доделува Друштвото на писателите на Македонија за најдобра поетска книга објавена во 2020 година.Настанот го отвори проф. д-р Добри Петровски, декан на Педагошки факултет Битола, а за делото зборуваа проф. д-р Мишел Павловски, проф. д-р Гордана Стојаноска и Весна Мундишевска-Велјановска.-„Математичка поезија“ има 156 страници и се состои од 91 песна, а песните се организирани во 12 циклуси: Точка, права, рамнина, Кругови, Триаголници, Тригонометриски функции на животот, Искршена линија на животот, Мерки на централна тенденција, Мерки на дисперзија, Непараметриски тест, Параметриски тест, Множества, Аритмија на аритметичките операции, Фибоначиева низа. И покрај ваквите наслови, „оваа поезија е исклучително лирска, топла и човечка. Книгата содржи модернистичка поезија со високостилизирана и авангардна форма на изразување која се одликува со сложени метафорични и алегориски конструкции. Всушност ова е една голема песна за потеклото и смислата на животот, но и потрагата по себеси преку елементите од секојдневието, истакна на почетокот Мишел Павловски.-„Математичка поезија“ несомнено е новост во македонската поезија, бескрајност на модификациите и прозвукот на зборот, еден оригинален поетски код кој не може, а да остане незабележан (тука не мислам само на негово валоризирање со значајни награди, туку и на приемот и одекот кај читателите, на неговата актуелност во времето кога е создаден, но и предиспозициите да опстои, па дури и да е актуелен и интригирачки и во времињата кои следуваат), рече Весна Мундишевска-Велјановска.-„Даниела Андоновска-Трајковска открива еден свет преполн со љубов, допири во сржта од која извира инспирацијата, искушенија на острите агли, Сизифовски страданија кои нè тркалаат од највисоките планини и истрајност повторно да ги искачиме и барањето на смислата во сето тоа… Авторката пее за дуалноста која како неизбежна судбина се надвиснува над секое суштество, а дробната црта е границата над која и под која се појавуваат двете лица: едното видливо и осветлено, а другото во полумрак и сосема свесно дека неговото време допрва доаѓа, дека ќе дојде, кога – тогаш, објасни проф. д-р Гордана Стојаноска.Даниела Андоновска-Трајковска (1979, Битола) е поет, прозаист, уредник на списанија, книжевен критичар, промотор на книжевни дела, доктор на науки и редовен професор по методика од областа на јазикот и литературата на Педагошкиот факултет – Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола. Член е на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), на Македонското научно друштво (МНД) – Битола и други професионални организации. Автор е на еден универзитетски учебник, две стручни публикации, една коавторска книга за деца, една книга со раскази и осум книги поезија. Во печат е нејзината најнова поетска книга со наслов „Пеш по воздушна линија“ во издаваштво на МИ-АН од Скопје. Добитник на повеќе книжевни награди, меѓу кои: Носиде, Италија (2011), Празник на липите (2018), „Крсте Чачански“ за проза (2019), Караманов (2019), Македонска книжевна авангарда (2020), Abduvali Qutbiddin (Узбекистан, 2020), Premio Mondiale “Tulliola- Renato Filippelli” во Италија (2021), “City of Galateo-Antonio De Ferraris” (Рим, 2021), и највисоката награда за поезија што ја доделува Друштвото на писатели на Македонија „Ацо Шопов“ за 2020. Преведена е на над 40 светски јазици и објавена во реномирани книжевни списанија и антологии во земјата и странство.

More from ВестиMore posts in Вести »