Press "Enter" to skip to content

Уписи на УКЛО – создаваме иднина, Факултетот за безбедност-Скопје

„Постојат две основни, суштински вредности кои се неопходни за човечен, пристоен, достоинствен живот: едната е слободата, а другата е безбедноста“. Зигмунт Бауман.

Факултетот за безбедност-Скопје е единствената државна високообразовна институција на која се изучуваат студиски програми од областа на безбедноста, криминалистиката, криминологијата, полициските и други сродни науки на сите циклуси на студии.

Во својот четиридецениски развој, Факултетот за безбедност-Скопје бележи бројни успеси во високото образование, секогаш внимателно и посветено градејќи ја науката за безбедноста. Во минатото и денес покрај домашните, на факултетот студираат и студенти од повеќе соседни земји како: Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово итн. Дипломираните студенти биле и сè уште се столбот на безбедносниот систем во државата во која работат.Во нашата држава голем број високи полициски функционери, поранешни министри за внатрешни работи, директори во полицијата, началници, но и најголем дел од оперативните старешини дипломирале токму на Факултетот за безбедност. Не е мал бројот на дипломирани студенти кои своето работно место го нашле и во Министерството за надворешни работи, во дипломатијата, во Агенцијата за разузнавање, кои оставиле силен белег во функционирањето на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, во развојот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а дел од дипломираните кадри денес работат како полициски и воени пилоти. Исто така, сопственици, раководители, вработени во агенциите за приватно обезбедување и од други компании од приватниот сектор студиите ги завршиле на Факултетот за безбедност.

На Факултетот предавале и предаваат еминентни професори по криминалистика, полициски науки, право, безбедност и други релевантни области, доминантно во рамките на општествените науки. Во наставата на Факултетот се вклучени многубројни стручњаци од практиката, но и професори по покана од земјата и од странство. Бројни политичари и влијателни дипломати и со свои видувања за актуелните безбедносни случувања редовно се дел од наставните и воннаставните активности на Факултетот.Во наставата и учењето на Факултетот за безбедност-Скопје, посебно внимание се посветува на воведувањето на стандарди за квалитетот на студиските програми, на изборот и селекцијата на академскиот кадар, на начинот за доследно оценување на студентите и вреднување на нивните активности во рамки на наставата и факултативните активности, на информирање на студентите, на потребите за обезбедување на наставните материјално-технички ресурси и на развојот на меѓународната соработка.

Факултетот за безбедност е препознатлив и по Меѓународната научна конференција која традиционално се одржува во Охрид, како и по други конференции, стручни и научни собири. Значајни се и истражувањата што се спроведуваат, а кои се однесуваат на суштински активности и воведување иновативни пристапи во работењето на безбедносните институции, но и предлозите кои помагаат во подобрување на односите помеѓу институците и заедницата.Факултетот е препознатлив и по издавачката дејност. Најголем дел од основната и од дополнителната литература за прв циклус студии е авторство на наставниците. Секој студент на почетокот на семестарот, по исклучително прифатливи цени, добива пакет на книги за предметите кои се изучуваат во семестарот.

Факултетот спроведува настава на сите циклуси студии. Така на првиот циклус студии акредитирани се студиските програми по Криминалистика, Безбедност, Криминологија и криминална политика и Безбедност и евроатлантски интеграции. На вториот циклус студии, застапени се студиските програми по Криминалистика, Кризен менаџмент, Криминологија и криминална политика и Безбедност. Кај последната, покрај стандардните 120 кредити, има можност студентите да се запишат и на студиска програма која носи 60 кредити како и да се запишат на специјалистички (стручни) студии по Безбедност кои носат 60 кредити.Факултетот има потпишано бројни меморандуми за соработка со домашни и странски институции и организации. Покрај поголемата видливост на активностите на факултетот тоа е добра можност за интензивирање на соработката со инстутициите од практиката, преку обезбедување на примена на научните резултати, и етаблирање на факултетот во рамки на општеството и меѓународната научна и стручна безбедносна заедница.

Во cогласност со Конкурсот за запишување студенти во студиската 2021/22 година https://uklo.edu.mk/news/view/1501, на Факултетот за безбедност има 350 слободни места за запишување на следните студиски програми:
а) Криминалистика – 170 студенти.
б) Безбедност – 70 студенти.
в) Криминологија и криминална политика – 70 студенти.
г) Безбедност и евроатлански интеграции – 40 студенти.

Студиските програми на студентите им нудат можност да се запознаат со безбедноста од различни аспекти и да се стекнат со знаења и вештини кои можат да ги користат во развојот на нивната кариера во полицијата и другите безбедносни институции во државата.

Користејќи современа домашна и светска литература, студентите имаат единствена можност да ги проучуваат приликите во безбедноста, полициските науки, правото, криминалистиката, криминологијата и активно да учествуваат во процесот на совладување на знаењата. Покрај националниот контекст на безбедноста, во рамките на студиите се изучуваат европските институции одоговорни за спроведување на законите, безбедноста и одбраната. Тоа особено се однесува на Европската агенција и нејзините агенции, тела и инструменти, НАТО, ОБСЕ, Советот на Европа и другите релевантни организации.

Потпишаните договори со бројни министерства и други државни институции, ја отвораат можноста студентите да се запознаат со начинот на работа и нивното функционирање преку реализација на практичната работа во тие институции. Следствено на тоа, во летниот период, сите студенти во градовите од кои потекнуваат или таму каде што ќе изразат подготвеност, реализираат практична работа во подрачните единици на Министерството за внатрешни работи и во други партнерски институции од јавниот и приватниот сектор, како што се: Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Управата за јавни приходи, Царинската управа, повеќе дирекции и агенции во системот на националната безбедност, но и странски меѓувладини организации со седиште во Скопје, како МАРРИ Регионалниот Центар, Меѓународната организација за миграции и слично. Практична работа студентите ja остваруваат и во Агенциите за приватно обезбедување.

Дополнително, теренската обука за логорување која се спроведува секоја година во кампот на Министерството за внатрешни работи во близина на с. Лазарополе (Општина Маврово-Ростуша) со човечка и логистичка поддршка од посебните единици на полицијата, предизвикува особен интерес кај студентите и дава белег на студирањето од аспект на дружење, стекнување со практични знаења и вештини за ракување со (AIRSOFT) оружје, движење по терен и престојување во природа.

Во изминативе неколку години, мобилноста на студентите и кадарот преку европската програма Ерасмус+ бележи нагорен тренд, така што наши студенти и кадар мобилноста ја остваруваат во повеќе од десет партнерски високообразовни институции од регионот и Централна Европа. Наставничкиот кадар, помладите истражувачи и студентите се активно вклучени во активностите од проектите од различни програми на ЕУ, НАТО и други организации, во кој факултетот се јавува како партнер.

За сите понатамошни информации можете да ја посетите веб страницата на Факултетот за безбедност www.fb.uklo.edu.mk или налозите на Facebook и Instragram.