Press "Enter" to skip to content

Уписи на УКЛО – создаваме иднина, Педагошки факултет – Битола

Деканот на Педагошкиот факултет – Битола , проф. д-р Добри Петровски од име на Факултетот, во пресрет на уписите во новата академска година, објави срдечно обраќање до матурантите кои се наоѓат пред една од најважните фази од животот во однос на нивниот професионален развој и кариера, http://www.pfbt.uklo.edu.mk/ .

Почитувани идни студенти и колеги, пред вас е еден амбициозен проект за избор на факултет, преку кој, ќе го комплетирате високото образование.  Развојот, во најопшта смисла претставува збир од процеси и промени кои го водат поединецот кон повисоки стадуими, подобра рамнотежа и поголема стабилност во текот на целиот живот. Затоа, тој развој се препознава преку менувањето на индивидуата, растот на компетенциите, како и растот на чувството за сопствениот индивидуалитет во процесот на учење преку сопствена акција, преку конструкција на знаења. Токму таа заложба за квалитетни промени, свесност за сопствените можности и професионално усовршување, креативно учење и совладување на дотогаш непознатото и неможното, можноста за доживотно учење преточена во милениумските цели, можете да ја пронајдете на Педагошкиот факултет во Битола. За наставничката професија, повеќе од било која друга професија, потребни се постојана мотивација, ентузијазам и посветеност.Во таа насока, наставниот кадар на Педагошкиот факултет, работните задачи ги извршува посветено, навремено и ефикасно со почит за искуството, способностите и културата на секој студент поединечно. Акредитирани  студиски програми за прв циклус студии се: Наставник за одделенска настава, Воспитувач, Македонски јазик и книжевност, Англиски јазик и книжевност, Социјална и рехабилитациска педагогија, Информатика и техничко образование.  Акредитирани  студиски програми за втор циклус студии се: Македонски јазик и книжевност, Англиски јазик и книжевност, English language and literature (Англиски јазик и книжевност), Наставник за одделенска настава, Воспитувач,  Менаџмент во образованието, Образование на надарени и талентирани и Информатика и техничко образование.

За трет циклус студии на Педагошкиот факултет – Битола, акредитирани се студиските програми: Менаџмент во образование, Образовни науки, Настава по јазик (македонски, англиски, германски јазик), Образование на надарени и талентирани https://www.uklo.edu.mk/news/view/1501 .

Педагошкиот факултет – Битола покрај солидното стручно образование, на студентите им дава поддршка за студентско организирање, поради што студентите избираат студентски Претседател и членуваат во Студентско собрание. Тие се мошне активни и успешни, не само во совладувањето на материјалот за учење, туку и во учеството во други бројни научни, стручни и спортски активности и реализации на Еразмус+ мобилности. Факултетот освен со теоретски ги подготвува студентите и со практични знаења и им овозможува едукативна наобразба што им помога да бидат успешни во педагошката професија и да бидат среќни во животот.

Светот никогаш нема да престане да трага по искусни, амбициозни, посветени и компетентни професионалци. Длабоко сме уверени дека Педагошкиот факултет во Битола е местото каде таа потрага успешно завршува. Среќно!