Press "Enter" to skip to content

Со “Комитското“, зурлите и тапаните отворен 51. фестивал “Илинденски денови” (фотогалерија)

На сцената на античкиот театар, во Хераклеја Линкстис, во Битола, започна  51. издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови”, а му претходеше дефилето на фолклорни групи и друштва од државата и светот на Широк Сокак.Пред официјалното отворање на фестивалот КУД “Илинден“ го изведе “Комитското“ во придружба на ансамблот на друштвото, а потоа на присутните им се обрати и директорката на НУ УБ Центар за култура, Маја Андоновска – Илиевски, која рече:-„Илинденски денови“ е повеќе од фестивал, тој е една раскрсница во која младоста се огледува на мудроста, во која светот се прелева низ игра и песна и сите сме различни а исти, му се радуваме и го славиме животот со музика. А за музиката велат дека е универзален јазик на човештвото, па на нашиот фестивал зборуваме еден јазик пеејќи и танцувајќи. Педесет и една година продолжуваме да ја веземе и ткаеме традицијата низ игра и песнаи додаде:-Се радувам на годинешниот фестивал, бидејќи за жал, пандемијата силно ги погоди и фолклорните ансамбли низ целиот свет. Затоа како феникс се издигна фестивалот и ги отвори широко вратите на Битола, ќе живее Широк Сокак, старата битолска чаршија, Хераклеја, сцената во Ракометното игралиште… Тропнаа тапаните силно, се одржа дефилето по Широк Сокак! Нека ни е со среќа и бериќет фестивалот за кој ќе сведочат генерациите дека не се откажавме ни во овие тешки години на човештвото. Не постои ново без старо, не постои оро без зурла и тапан, не постои фестивал без уметници, публика и гости.На сите гости, учесници на фестивалот убав престој во Битола им посака Татјана Крнчева, советник во Советот на Општина Битола и претставник на Општина Битола,  која рече:-Почитувани вљубеници во народните ора и песни – чувари на македонската традиција. Морници лазат од секоја изведба на „комитското“ од ансамблот на КУД „Илинден“. „Комитско“! Оро, за кое велат дека се игра на цело стапало, а толку живо. Оро кое комитите го играле без песна и свирка за да не ги чуе непријателот. Вечерва комитското одекна гласно и моќно, носејќи ја во себе сета симболика на фестивалот. Гласно и моќно во деновите пред нас ќе одекнат изведби на десетици ора од земјава и странство. И, не на цело стапало, ами на две цели стапала и на две нозе како што цврсто стои фестивалот кој 51 година во континуитет претставува чувар на македонското културно наследство, заштитник на македонската традиција, стожер за духовно поврзување на македонците од целиот свет, мост за афиримација на македонскиот фолклор ширум светските културни простори.Фестивалот за отворен го прогласи потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, кој нагласи:-Собранието како претставнички дом на граѓаните чија што улога е, и да биде дел од ваквите традиции е горд покровител на Фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“. Музиката, фолклорот и игрите се универзална цивилизациска категорија, дел од светското културно наследство, но во исто време тие претставуваат значјни елементи кои го дефинираат, чуваат и развиваат националниот идентитет. Вредности кои нашите претци векови наназад знаеле и успеале да ги сочуваат, развиваат и пренесат на помладите генерации како дел од нашиот национален и културен идентитет. Со убави мисли и желби, го прогласувам 51 републички фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“ за отворен.На присутните им се обрати и Филип Бусон, претседател на ЦИОФФ, кој порача:-Светската асоцијација на фолкорни фестивали-ЦИОФФ претставува чувар на движното културно наследство. Ние сакаме светот да разбере дека ЦИОФФ придонесува за развој на живите традиции. Навистина не е лесно да се организира културен настан во време на пандемија. Неодамна бевме на фолкорна олимпијада во Русија каде таму ги запознав битолчаните од КУД „Илинден“. Горди бевме затоа што на фолкорната олимпијада имаше над 15.000 учесници и публика побројна од онаа во Токио. Среќен сум што оваа година присуствувам на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола. Им честитам и на учесниците кои допатуваа во Македонија бидејќи и ним не им беше лесно да патуваат. Мојата порака до сите гласи – Ајде да танцуваме заедно! Ајде да свириме заедно! Ајде да пееме заедно! Ајде да изградиме поубав свет заедно! По официјалниот дел на фестивалот започна и првата фестивалска вечер, на која наизменично се надигруваа и надпејуваа “Танец“ од Македонија и “Ладо“ од Хрватска, а двата ансабли го собраа аплаузите на битолчани и нивните гости кои беа во Хераклеја и уживаа во концертот. На фестивалски вечерите ќе настапат играорци кои ќе ги презентираат националната традиција, фолклорни богатства и култури на земките од каде доаѓаат. Фестивалот ќе се одржува по Широк Сокак, во Магазата, низ Старата битолска  чаршија, и на Ракометно игралиште.

Текст и фото: С. Ристевски

More from КултураMore posts in Култура »