Press "Enter" to skip to content

СВР Битола со препораки за битолчани за празничните денови

Секторот за внатрешни работи Битола ги известува граѓаните дека на 1 и 2 август 2021 година (недела и понеделник), поради одржување на прослава по повод националниот празник Илинден во Крушево, ќе бидат преземени посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

Од тие причини, СВР Битола ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, почнувајќи од 15.00 часот на 01.08.2021 година па се до 22.00 часот на 02.08.2021 година на регионалниот пат Р-1306, делница: Прилеп – Кривогаштани – Крушево – Демир Хисар како и на регионалниот пат Р-2337, делница: Крушево – место викано Слива, на уличната мрежа низ градот Крушево и на патеките кои водат кон Мечкин Камен.

За безбедно одвивање на сообраќајот потребно е да се почитуваат сообраќајните знаци, прописи и наредби на полициски службеници. Не е дозволено управување на возила под дејство на алкохол и наркотични средства, без возачка дозвола и технички неисправни возила.

Поради големиот број на прослави, собири и манифестации на подрачјето на СВР Битола, каде има масовно собирање на граѓани, се апелира до сите граѓаните да не го нарушуваат јавниот ред и мир. Забрането е  неовластено пукање и употреба на оружје и пиротехнички средства, учествување, предизвикување или поттикнување друг на тепачка, оддавање на пијанство на јавно место или нарушување на јавниот ред и мир во пијана состојба. 

Воедно ги потсетуваме граѓаните да го заштитат својот имот! Додека се движат во места каде има повеќе народ да внимаваат на својот паричник, мобилен телефон и други вредни предмети и да не оставаат вредни предмети на видно место во автомобилите. Внимателно користење на социјалните мрежи како и објавувањето на слики и места каде се во моментот, со што им се укажува на останатите дека моментално не сте дома а со тоа станувате лесен плен за кражба.

За сите безбедносни настани да се пријавува на телефонскиот број 192 или кај најблискиот полициски службеник.

По повод продолжениот викенд ,а и поради зголемените температури, концентрацијата и видливоста кога се намалени ,движењата  да се сведат на минимум,да се движат во утринските часови и во попладневние часови кога ќе намалат температурите ,како би се избегнале гужви и чекања на патиштата во и надвор од населено место и секако почитување на сообраќајните правила и прописи.

Секторот за внатрешни работи Битола, на сите граѓани, им го честита  празникот 2 Август-Илинден.

More from ВестиMore posts in Вести »