Press "Enter" to skip to content

Од подготовките на Еурофарм Пелистер: Костески, Периќ и Маџовски веруваат во овој тим

Екипата на Еурофарм Пелистер од Битола ги завршуваат подготовките кои ги реализираа во Маврово, каде денес ги заменува втората екипа и се враќаат во Битола. Оваа седмица ги одигруваат уште двата преостанати натпревари, против екипите на Металург и Еурофарм Пелистер 2. За тоа како ги гледаат подготовките дел од ракометарите на Еурофарм Пелистер при нашата посете во Маврово зборуваат Костески, Периќ и Маџовски.

Ненад Костески, ракометар на Еурофарм Пелистер, за стартот на сезоната вели:-Има разлика од претходните сезони, бидејќи сезонава почнува порано со официјалните натпревари. Започнуваме против Вардар во Суперкупот на Македонија и немаме многу време за да се спремиме, па го забрзуваме процесот. Подготовките траат и сè е во ред со сите ракометари.  Сезонава составот не претрпе големи промени, 70% останавме старите играчи. Имаме новајлии, се вклопуваат во системот и мислам дека со официјалните подготовки добро ќе ја започнеме новата сезона. Ќе се зголеми бројот на натпревари сезонава. Ќе има доста натпревари за секого. Ќе се ротира и ќе биде тешка сезона, со многу натпревари. Верувам дека работите ќе течат како што треба. 

Јосип Периќ, за засилувањата на тимот за наредната сезона рече:-Доста се засиливме, доведовме неколку квалитетни ракометари и наголемо тактички се подготвуваме за тоа што ни следи. Засега сè оди по планот, сите момци се здрави, немаме проблеми со повреди, се воигруваме, посебно со новите играчи, и едвај чекаме да почнат официјалните натпревари. Најголема наша снага треба да биде тоа што костурот остана ист. Втора година сме заедно, добро се познаваме и воиграни сме. Ако новајлиите се вклопат мислам дека не очекува подобра сезона од претходната. Искрено, доста трениравме и во паузата, добивме посебни програми, па не треба премногу физички да работиме тука. Ни следи ракомет и тактика. Нè радува тоа што веднаш почнуваат натпреварите и не треба да чекаме долго како минатата сезона. Се радувам и што ќе има голем број натпревари оваа година. 

Бојан Маџовски, левото крило на Еурофарм Пелистер влегуваме во ритам и додава:-Оваа сезона почнуваме малку порано, бидејќи немаме голем период за подготовки и ни следи официјален натпревар за десет дена. Првиот дел од подготовките го поминуваме во одличен ритам. Покрај тоа што се спремаме за физичката подготвеност, работиме и на тактичката подготвеност, со цел новите играчи да влезат во системот на нашиот тренер. Не би коментирал дали сме посилни од минатата сезона, уште е рано за тоа. Ни преостанува да ги завршиме подготовките и да се спремаме за она што нè очекува, бидејќи имаме тешка сезона.

More from СпортMore posts in Спорт »