Press "Enter" to skip to content

Совети од лабораторија: калциумот – бедем на нашето тело

Авторот е дел од тимот на ПЗУ “Д-р Костурски“  во дијагностичкаta биохемиска лабораторија

Калциумот е важен минерал кој што на сите ни е познат, затоа што има клучна улога во здравјето на човекот. Пред се го познаваме како минерал кој помага за одржување на здравјето на срцето, мускулите, нервите, коските и забите. Поради тоа, консумирањето на доволно количество на калциум е особено важно за правилното функционирање на целиот организам.

Повеќе од 99% од калциумот во нашето тело се складира во коските и забите, за да ги одржува цврсти. Кога калциумот се апсорбира во нашето тело тој со помош на витаминот Д се транспортира до коските. Таму, заедно со фосфорот им даваат цврстината на сите коски. Коските растат и се оформуваат од десеттата до дваесеттата година од нашиот живот. По 30 тата година тој процес се забавува и трае до 50-тата година. Потоа организмот започнува да троши од складираните резерви на калциум, за да го одржува правилното функционирање на нервниот и кардиоваскуларниот систем.

Исто така позната е неговата функција во процесот на згрутчување на крвта; регулирање на ензимската активност; се знае дека помага при обезбедување на добра спроводливост на нервните влакна на мускулите; влијае на контракција на мускулните влакна на срцевиот мускул; учествува во производството на хормони.

Многу истражувања покажуваат дека калциумот штити од покачување на крвниот притисок. Исто така калциумот помага и во заштитата од канцерогени заболувања. Покрај тоа, калциум јоните помагаат во зајакнување на ѕидовите на крвните садови со што се зголемува нивната отпорност кон инфекции и алергиски реакции. Некои од симптомите кои што можат да се појават при недостиг на овој важен минерал се: болки во зглобовите и чести скршеници по телото; кршливи нокти; инсомнија; грчеви во мускулите; екзема; вкочанетост во нозете и рацете.

Ако не се лекува, недостатокот на калциум може да доведе до остеопороза. Остеопорозата е заболување на коскениот систем, кое води до намалување на еластичноста на коските и појава на скршеници. Зголемени потреби на калциум имаат жените во менопауза. Тие особено треба да внимаваат на количеството калциум кое го внесуваат, за да се заштитат од остеопороза. Внесувањето на доволно количество витамин Д ја подобрува апсорпцијата на калциум од организмот.

Во крвта, калциумот се наоѓа во две фракции: слободен (јонизирани) и калциум кој е врзан со плазма протеини, фосфати или цитрати. Нормално, слободниот калциум (јонизиран) претставува околу 45% од вкупното ниво на калциум. Анализата на јонизиран калциум е многу значајна, бидејќи ни овозможува брзо и точно да се утврди дијагнозата и да се избере потребниот третман.

Содржината на јонизиран калциум во крвта зависи од возраста на лицето. Просечните вредности генерално се дефинира дека треба да се 1,02-1,37 mmol / l но тие значајно варираат со возраста. Па така кај доенчиња и деца до 1 година таа вредност изнесува 1.02 – 1.37 mmol / l , кај деца постари од една година до 14 години таа вредност треба да биде 1,28 1,32 mmol / l додека ја возрасни над 55 години треба да е 1,16-1,3 mmol / l.

Зголемување на нивото на калциум (хиперкалцемија) може да се случи како придружна појава кај некои нарушувања како метаболички нарушувања на хемостаза, состојба на ацидоза; зголемување на производството на Ca кај новороденче, без причина за тоа (Вилијамсов синдром); прекумерна содржина на витамин D; акутна ренална инсуфициенција на функциите на бубрезите; малигни тумори и метастази во коските; наследна хиперкалцемија; хиперпаратиреоидизам – зголемено лачење на хормонот на паратироидната жлезда (PTH); крвни болести ( леукемија, лимфом) и други;

Подготовка за анализа

За да се добие сигурен резултат за концентрацијата на калциум во крвта, мора да се направи соодветна подготовка на пациентот. Имено, пред анализата треба да се исклучат тренинзите и тешко физичко оптоварување; да не се конзумира алкохол, да се избегнува масна храна, анализата мора да биде изведена строго на гладно, последниот оброк треба да биде 12 часа пред денот на анализата; треба да се исклучи пушењето барем на еден час пред да се даде на крвта.

Треба да се земе во предвид дека многу лекови може да го зголемат или намалат нивото на калциум во телото. Затоа, за 1-2 недели пред истражувањето треба грижливо да се селектираат лековите кои се земаат како секојдневна терапија. Ова секако треба да го направи вашиот лекар. Дали ќе се работи концентрација на вкупен калциум или на јонизиран зависи од одговорите по кои се трага во моментот. За тоа се одлучува според клиничката состојба или според тоа што очекуваме да добиеме од резултатите.

Кај жените кои третираат остеопороза и кои примаат месечна терапија според пропишаните протоколи треба пред земањето на месечната терапија да го проверат нивото на калциум. Доколку има соодветна концентрација можат да го примат лекот, доколку нивото е под потребното терапијата се одлага до достигнување на задоволително ниво.