Планинарите и рекреативците, и останатите љубители на планината од Битола, од денес можат да се вратат на омилените планинарски патеки, а секако и на патеките кои водат кон Смолево, Снегово, Бранејца, Неолица, Вртешка… бидејќи се укинува забраната за движење во шуми и шумски предели, одлучи Владата на денешната седница, а за заштита и за спречување пожари на отворено, ќе се спроведуваат засилени контроли од страна на МВР и Шумската полиција.
Врз основа на препораките на Главниот штаб за управување со кризи, Владата донесе одлука за укинување на забраната за движење во шуми и шумски предели и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Шумската полиција при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да спроведуваат засилени контроли за заштита и спречување на пожари на отворено, соопшти владината прес-служба.
Забраната за движење во шумите и шумските предели беше во сила од 3 август.