Press "Enter" to skip to content

Денес е Успение на Пресвета Богородица – Празник на мајката на животот

-Христијаните веруваат дека, како и Исус, и Богородица по смртта воскреснала и заминала на небото, како со душата така и со телото. Оттаму и називот успение, што значи искачување.

-Верниците во Битола го слават големиот верски празник, а голем број синоќа беа во битолската црква која го носи нејзиното име, а се наоѓа во центарот на Битола.

Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот попознат како Голема Богородица.

Именден празнуваат: Марија, Мара, Марена, Марица, Марјан, Маријана…

Празникот Успение на Пресвета Богородица се слави на петнаесетиот ден од месец август (28 според новиот календар), а му претходи двонеделен Богородичен, или Преображенски пост. Овој празник е знак, сигурност и славење на исполнувањето на сите оние животи, чии души Го слават Бога, целосно посветени на слушање и одржување на Божјото Слово кое е дадено на луѓето преку Богодетето на Марија, преку Спасителот на светот.

Овој празник го слави успението, воскресението и прославувањето на Пресвета Богородица, и нејзиното преселување во Царството Божјо во полнотата на нејзиното духовно и телесно постоење. Поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири. Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови.

Црковното Предание учи дека Богородица се упокоила како и сите луѓе, не своеволно, како нејзиниот Син, туку според нејзината смртна човечка природа сврзана со овој свет. По Христовото распнување, воскреснување, вознесение на небото и седнувањето оддесно на Отецот, таа поживеала на земјата уште 11 години. За неа се до нејзината смрт се грижел љубениот Христов ученик свети Јован Богослов. На Маслиновата Гора, на местото каде се вознел Христос, плачејќи се молела Бог да ја земе од овој свет. Тогаш ѝ се јавил Архангел Гаврил и ја известил дека по три дена (на 15.08./28.08) ќе биде упокоена. Таа веднаш го известила за тоа светиот апостол Јован Богослов, а веста стигнала до апостолите и голем број христијани.

Чудна сила ги донела 11-те апостоли при неа. Пред нив ја искажала предсмртната порака (која всушност е извршена), Нејзиното тело да биде погребено во Ерусалим, во Гетсиманската Градина, таму каде што била гробницата на Нејзините родители, светите праведни Јоаким и Ана и стариот праведен Јосиф. На денот на нејзиното Успение, таа лежела на одарот и одеднаш се осветлила куќата со необична светлост од Божјата слава. Божјата Мајка Го видела Синот како ѝ се приближува. Загледувајќи го приближувањето на Синот, Божјата Мајка радосно воскликнала: “Мојата душа го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој …”.

Таа се подигнала од одарот како да оди во пресрет на Својот Син и Му се поклонила на Својот Бог. А Тој, приближувајќи се, и со неизмерна синовска љубов, гледајќи на Неа, рекол: “Дојди Блиска моја, дојди Голубице моја, дојди најскапоцен мој Бисер, и влези во живеалиштето на вечниот живот”. Богородица Му се поклонила и Му рекла да го прими Нејзиниот дух и да ја заштити од власта на темнината. Таа мирно ја предала Својата света душа во рацете на Бога, без да почувствува болка, како да заспала.

Во книгата за Нејзиното чесно упокојување се вели: “Бројот на годините кои непорочната Мајка Божја ги поживеа на земјата се точно педесет и девет”. Започнал највеличествениот, најсвечениот погреб, во поворка со многу христијани. Се слушало ангелското пеење. Апостолите го носеле на рамења одарот на Пресвета Богородица. А најнапред одел Св. Јован Богослов кој ја носел светлата рајска гранка. Но, еврејските првосвештеници и книжници од завист испратиле војници да ја спречат поворката и наредиле “телото на Марија да го изгорат”, а на апостолите да ги претепаат. Но, Бог ги поразил со слепило злобните гонители, а на еврејскиот свештеник Антониј, кој се обидел да го сврти сандакот, невидлив ангел му ги отсекол рацете.

Апостолите ја погребале Богородица. Кога по три дена го отвориле гробот за да ѝ се поклони Св. апостол Тома, кој не бил присутен на нејзиното погребение, “ја најдоа само плаштаницата, а телото не беше во гробот”. Таа, како и Христос, доживеала телесна смрт, но во третиот ден по погребувањето била воскресната од Синот и Својот Бог, и со телото земена на небото. Се вознела на небото. Таа им се јавила на апостолите жива, светла и опкружена со ангели им рекла: “Радувајте се, зашто сум со вас во сите денови“.

More from ВестиMore posts in Вести »