-Развојот продолжува – ги имаме најдобрите проекти за нашата општина! Изминатите 4 години се работеше вредно и напорно, со силна поддршка од централната власт. Таа силна динамика мора да продолжи. Никој не смее да ги кочи проектите на општините! Бидејќи од проектите зависи квалитетот на животот на нашиот народ. Каква ни е општината, таков ни е животот, ова денеска го порача кандидатот на СДСМ и коалиционите партнери за градоначалник на Битола Христо Кондовски промовирајќи го проектот Битола Вело Град.
-Најдобрите проекти носат развој, а развојот носи подобар живот. Во Битола ќе обезбедиме развој и подобар живот, и со проектот БИТОЛА ВЕЛО ГРАД. Затоа, продолжуваме со презентација на современите сообраќајни решенија по европски терк, како обележје на секој модерен град каков што Битола заслужува да биде. Ве увeрувам дека Битола ќе прерасне во град по мерка на човекот – безбеден и хуман град, каде велосипедизмот, пешачењето и јавниот превоз се доверлив избор за граѓаните! Тоа е дел од нашата стратегија за чиста и здрава животна средина. Битола ќе стане ВЕЛОГРАД, рече Кондовски.
Тој најави изградба на велосипедска мрежа, која првично ќе се протега во должина од 20 километри. До крајот на реализацијата на проектот Општина Битола ќе добие вкупно 40 километри велосипедска мрежа.
-Таа мрежа ќе ги поврзува сите големи улици во градот и булеварот 1-ви Мај. Вело патеки ќе има и во старата касарна, а велосипедската мрежа ќе се протега кон рекреативниот центар Ниже Поле и кон Пелистер. Целта е да се олесни движењето на велосипедистите, а тие да се движат безбедно. Придобивките од овој проект се бројни: развој на велосипедскиот сообраќај, зголемување на безбедноста на велосипедистите и сообраќајот во целина, подобрување на мобилноста за жителите, намалување на учеството на возила во градот, а со тоа и намалување на загадувањето кое доаѓа од истите, појасни Кондовски.
Велосипедската мрежа ќе ги опфати улиците 11-та Македонска дивизија (Довлеџик), Васко Карангелевски, 8-ми Септември, Партизанска, Македонска Фаланга и Булевар 1-ви Мај, Прилепска, Иван Милутиновиќ и Димитар Илиевски Муратот.
-Периодот на изведба на овој проект, во вредност од 1 милион евра, ќе трае 2 години, но придобивките ќе бидат трајни. На овој начин, Битола ќе добие нов сообраќаен лик! Резултатот ќе биде организираност, сообраќајно растеретување и просторно оплеменување на Битола, на задоволство на сите граѓани, додаде тој.