Press "Enter" to skip to content

Совети од лабораторија: медицината, лабораторијата е “скап спорт“

Авторот е дел од тимот на ПЗУ “Д-р Костурски“ во Битола, во дијагностичкаta биохемиска лабораторија.

Долго време се двоумев дали да го напишам текстов, во страв да не се разминеме во ставовите и да бидам погрешно интерпретирана. Сепак секојдневната пракса во лабораторија ме натера да проговорам за оваа тема со цел да го олесниме процесот на одлучување кога се работи за нашето здравје.

Се случува да влезе пациент во лабораторија и да ја слушнеме следната реченица: „Јас сакам се да си испитам”. Тоа веднаш индицира дека пациентот залутал во скапиот лавиринт на медицината. Таа реченица ни кажува дека е прескокнат нормалниот протокол на движење на пациентот, дека се прескокнати одредени фази на следење и дека кај пациентот владее конфузија. За да биде конфузијата поголема тука се Гугл, социјалните мрежи, рекламите на телевизија, по некој прочитан текст во весник но и прераскажаните искуства кои секако на некој начин личат на вашиот проблем. Понекогаш дури имаме и тренд во испитувањата (пример кога некои анализи се прават оти сме слушнале или прочитале дека се актуелни) кој секако не соодветствува со реалната сосотјба на секој пациент засебно. И приказната почнува вака некако… Со појавата на некој специфичен или неспецифичен проблем, а најчесто болестите имаат период пропратен со неспецифични симптоми како малаксалост, мачнина, гадење, некоја блага болка, најпрво се тргнува во истражување на Гугл. А таму … море од информации во кои тешко се плива и ако не сте доволно стручен каде да го насочите вашето трагање тогаш сигурно ќе се удавите во погрешните дијагнози и уште повеќе во „волшебните лекови” кои ви се нудат ширум интернет амбулантите.

Од Гугл и Фејсбук најчесто се доаѓа во лабораторија со веќе подготвена листа на анализи кои „би сакале” да се направат. А тоа е листа која најчесто опфаќа две до три специјалности во медицината, често надополнета со анализи кои се работаат во научни институции за научни цели, тоа е листа на анализи за кои набавката на реагенси ќе чини многу време и средства. И ако пак само малку загребете по нивната анамнеза и барем малку се распрашате за нивниот здравстен проблем најчесто тешко ќе ја поврзете бараната листа на анализи со клиничката слика, и уште помалку со потребните анализи за соодветна дијагностика.

Но, тука секоја битка за објаснување завршува со …сакам да ги направам овие анализи ќе си платам. За земање на резултатите во лабораторијата каде се работат последниве анализи се доаѓа со веќе подготвена пообемна документација и уште пообемна приказна која едвам чека да биде раскажана. Од документацијата јасно се гледа дека наназад со месеци се прават исти или слични анализи во сите други лаборатории во градот, вредностите се споредуваат до втора децимала, референтни единици никој не споредува, следи прашањето колку се прецизни апаратите на кои се работеле анализите, па се повикува стручно лице да објасни како во некоја друга лабораторија поедини анализи имаат поинакви вредности, и на што е показател одредена анализа и секако што би значело нејзиното отстапување од нормалните вредности. …. и така прашањата продолжуваат до бескрај, а конфузијата расте. Потоа приказната се сели во специјалистичките амбуланти, и не завршува додека не се посети ама баш секоја амбуланта во градот макар тоа било и шеснаесто стручно мислење по ред. Да не ги спомнуваме оние кратки брифинзи на стручно медицинско мислење пред гранапче, во на каса во супер маркет или пред некој штанд, или на некоја семејна седенка каде едвам се чека да почне првото прашање а потоа слободно може и дежурство да  одработите.

Што се однесува до дадената терапија таа најчесто се пие првите два дена а потоа на своја рака се евалуираат резултатите од испиениот лек, очекувањата се големи, разочарувањата почнуваат веќе после третиот ден (да не зборуваме за тоа дека треба дозата да се испие до крај) и секоја панична реакција се објаснува со алергија или интолеранција на лекот кој никако не делува во дадениот случај. Ако ова не помогне се патува во специјализирани болници, кај еминентни стручњаци, се повторуваат лабораториските резултати, се менуваат дијагностичките методи, се менува терапијата и сите заедно се надеваме дека сето тоа ќе има среќен епилог. Значи оваа приказна така си трае со денови, недели, месеци… Во меѓувреме клаузулата „ќе си платам” веќе одзела голем дел од домашниот буџет, конфузијата полека но сигурно прераснува во разочарување и фрустрација, се забележуваат психичките и социјалните импакти од сета ситуација, се посегнува по неконвенционална медицина која освен плацебо ефектот нема што многу повеќе да ви понуди.

И се прашувате каде залутавте во големиот лавиринт кој се вика здравство. Залутавте таму зад првото коше кое се вика – матичен лекар. Протоколот на движење на пациентот го одредува матичниот лекар кој повеќе години ја следи вашата здравствена состојба, го има вашиот здравствен картон пред себе, и знае каде да ве упати понатаму. Можеби во одредени ситуации нема потреба од додатни испитувања и скапи анализи затоа што вашиот матичен лекар може да ви препише лек кој ќе биде соодветен одговор на вашата болест или состојба, а при тоа може лекот да биде на товар на Фондот за здравствено осигурување па да потрошите значајно помалку средства за да оздравите. Можеби одговорите за вашето здравје лежат во некоја визуелна медицинска метода (рентген, ултразвучен преглед) па ако веднаш ве упатат таму дијагностичката процедура ќе заврши побрзо а третманот ќе започне порано. И крајно ако веќе треба да одите во специјализирани медицински установи сепак матичниот лекар најдобро знае да го направи изборот кој за вас ќе биде соодветен.

Многу пати не е битно дали имате да ја платите методата туку дали таа метода ќе ви ги даде соодветните одговори на вашите прашања. Понекогаш времето не е баш најдобар сојузник во излекувањето, и се чини дека е најскапо. Некои состојби бараат брзи одговори и што поскоро започнување со третманот и лекувањето, а изгубеното време не може да се надохнади со ниедна сума на пари. Во овој здравствен систем во кој живееме има многу несовршености, недоречености, не е совршен но има и воспоставени протоколи кои ако се следат можат да бидат од помош. Секое нивно прескокнување може да ве чини скапо. Во овој голем и комплексен лавиринт наречен здравство може да залутате во улички од кои нема враќање. Затоа постојат трасирани патеки кои водат по големите булевари на решенијата. Изборот е ваша дали ќе бидете пешак или скитник.