Press "Enter" to skip to content

Совети од лабораторија: остеопорозата болест на иднината

Авторот е дел од тимот на ПЗУ “Д-р Костурски“ во Битола, во дијагностичкаta биохемиска лабораторија

Остеопорозата е болест на коскениот систем при кој доаѓа до губење на органскиот и минералниот дел на коската па како последица на тоа коските се кршливи. Тоа е болест на  третото животно доба и почесто од неа страдаат жените. Осумдесет проценти од заболените од остеопороза се постари жени, а најчеста и најзначајна причина за оваа болест е постменопаузалниот прекин на лачењето на женскиот полов хормон, естрогенот.

Остеобластите и остеокластите, се клетки кои ги распаѓаат старите и оштетени делови на коските и градат нова коска. Овој процес на преобликување на коските е условен од интеракција на хормони и механички стимули и токму нивната рамнотежа е неопходна за нормално функционирање на коските. Кај децата, целиот скелетен систем се заменува за околу пет години, додека на возрасните им треба двојно повеќе време за овој процес.

Оптоварувањето игра многу важна улога во процесот на реновирање на коските. Така, спортистите кои повеќе го оптеретуваат скелетниот систем со мускулна работа, постојано ги стимулираат коските и со тоа го поттикнуваат нивното ремоделирање. Затоа, физичката активност е еден од главните и најефикасните начини за спречување на остеопороза.

Во репродуктивната возраст кога имаат нормална количина на естроген во крвта, жените се заштитени од влошување на коскената маса. Ова драстично се менува по менопаузата и нагло опаѓање на нивото на естроген. Потоа започнува постепено и неизбежно намалување на коскената маса. Други придружни болести, несоодветна исхрана, недостаток на физичка  активност и генетска предиспозиција може да го забрзаат овој процес и со тоа брзо да доведат до патолошко намалување на коскената маса наречена остеопороза. Минералот калциум игра исклучително важна улога во јачината и квалитетот на коските. Заедно со фосфор формира соли кои заедно со колаген ја формираат основата на коскеното ткиво.

Затоа, секое нарушување што ја намалува количината на слободен калциум во крвта, го поттикнува развојот на остеопороза. Најчесто, главниот виновник за оваа состојба е внесување на недоволна количина на калциум во исхраната, потоа нарушувања на апсорпцијата на калциум кај разни болести на дигестивниот систем и ендокрини заболувања кои можат да ја нарушат состојбата на калциум во организмот (болести на тироидната жлезда и паратироидната жлезда, стрес , дијабетес, зголемена секреција на кортизол …).

Витаминот Д е неопходен за апсорпција на калциум во тенкото црево и неговиот недостаток директно влијае на количината на калциум во коските. Тој се формира во кожата кога е изложена на сончева светлина, и затоа недоволното изложување на сонце ја намалува апсорпцијата на калциум и со тоа ја промовира деминерализацијата на коските.

Иако огромното мнозинство на пациенти кои страдаат од остеопороза се жени, оваа болест не е резервирана само за „поубавиот пол“. Секоја трета фрактура на колк се јавува кај мажи, а секој десетти маж над 50 години го доживува тоа. Покрај тоа, смртноста од компликации по фрактури на колкот кај мажите е двојно поголема отколку кај жените. Најчеста причина за деминерализација и губење на коските е хормоналната нерамнотежа и кај мажите. Се јавува по 60-годишна возраст и се карактеризира со постепено намалување на лачењето на тестостерон. Само тестостеронот не влијае директно на метаболизмот на коските толку интензивно. Тој се претвора на периферијата во естрадиол, што е слично на естрогенот и има многу посилен ефект врз ремоделирањето на коските отколку само тестостеронот. Постепено намалување на лачењето на тестостерон, посилни и поголеми коски како резултат на различен раст за време на пубертетот и поинтензивна физичка активност во текот на животот се причините зошто оваа болест е трипати поретка кај мажите.

Симптоми на остеопороза

Обично нема симптоми во раните фази на губење на коските. Но, откако коските ќе ослабнат и се развие остеопороза, пациентите најчесто се жалат на овие симптоми: Болки во грбот – акутна и силна (изразена во исправена положба на телото што
исчезнува кога ќе легнете), свиткано држење на телото, намалување на висината, фрактури на коските со минимална траума. Симптомите честопати личат на симптомите на артритис, така што нема навремена дијагноза на болеста.

Дијагноза на остеопорозата

Главниот параметар за дијагноза на остеопороза е дензитометриско мерење на коскената густина. Она што се мери е отстапување на коскената густина во однос на вредностите на здравата и младата популација. Покрај мерењето на коскената густина, детална историја и откривање на фактори на ризик се важни за дијагностицирање, а некои лабораториски наоди може да бидат корисни. Фактори на ризик вклучуваат возраст над 50 години, влегување во менопауза, консумирање алкохол и кофеин во прекумерни количини, пушење, мала телесна тежина, малигни заболувања, нарушувања во исхраната, недостаток на физичка активност.

Компликации при остеопороза

Најчести и најопасни компликации се фрактури на рбетот и вратот на бедрената коска. Фрактури најчесто се јавуваат без поголеми трауми, скоро во секојдневните активности. Колку се чести и сериозни последиците од овие компликации, покажува фактот дека секоја втора до трета жена постара од 50 години и секој десетти маж над 50 години доживува фрактура на коска предизвикана од остеопоротични промени. Секоја петта жена што доживува фрактура на врат на бедрената коска, умира во рок од 6 месеци до една година поради компликации. Само една третина од пациентите со фрактури успеваат да се вратат во независен живот, додека на повеќе од половина им е потребна дневна нега од друго лице.

Денес, се проценува дека 8-10% од светската популација страда од оваа болест, а во следните 20 години тој број според проценките ќе се удвои. Остеопорозата е болест на старост, а општата популација старее, современиот начин на живот се повеќе ги елиминира вежбите и здравата исхрана, сето тоа е погодно за развој на тивка епидемија. Третманот е долготраен, а последиците се многу тешки, па затоа превенцијата во форма на редовна физичка активност, здрава и урамнотежена исхрана, избегнување на алкохол, пушење и кофеин е првиот избор во справувањето со оваа глобална болест.

More from СоветиMore posts in Совети »