Press "Enter" to skip to content

Кондовски: Заокружи 12 за победа на Битола уште во првиот изборен круг!

Драги битолчанки и битолчани, Денес заедно ја заокружуваме една од најпрогресивните и најпозитивните изборни кампањи. Изборен процес, проследен со фер и демократска атмосфера како што и доликува на Битола и битолчани. Кампања во која доминираше гласот на граѓаните, а најгласно се слушаа реалните идеи и развојните проекти за нашиот дом, Општина Битола. Заедно со кандидатите за советници го посетивме секој ваш дом, секое населено место нудејќи го најдоброто за нашиот град, во кадровска и програмска смисла.

Сакам од срце да ви заблагодарам за топлиот прием, искрениот муабет и дадената поддршка! Нема да ја изневерам!Лично за мене оваа кампања беше големо и вредно искуство. Пат во ваша придружба, при што извираа грижата и љубовта кон нашиот град, но и забелешките – што се можело досега да се направи, а не се сторило. Вашите барања до мене и зборот даден кон вас прераснаа во АМАНЕТ со обврзувачка сила – Ветувам, заедно ќе го исполниме сето тоа, но не само на збор. Доста е од зборови, потребна е силна акција и секој од нас вграден во неа. Јас сум подготвен! Ја видовте мојата енергија за работа и јас видов силна граѓанска волја! Затоа најавувам локално граѓанско и институционално движење кое Битола ќе ја воздигне во модерен град во кој е задоволство да се живее.… „Битола е необичен и убав град“ – Вака, во своите историски записи, еден познат арапски патник во дванаесеттиот век го опишал нашиот град. Ако тогаш ги заслужила овие епитети, денес во 21 век, Битола заслужува да биде модерен, европски велеград! Ве повикувам заедно да ги изградиме идните впечатоци за нашиот град! Посетителите да чувствуваат восхит, а ние битолчани достоинство и гордост во душата! Ветувам дека заедно ќе ја унапредиме нашата Битола во сите области на општественото живеење.

Почитувани, Се обврзувам да создадам ефикасна и плодотворна општина во која граѓанинот е светост, а неговите потреби се решаваат најоптимално, без задоцнување. Ветив 22 големи проекти меѓукои : Нов ГЕНЕРАЛЕН УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН; Подземна сообраќајница со подземна гаража; ВЕЛОСИПЕДСКА МРЕЖА; нови СООБРАЌАЈНИ ВЛЕЗОВИ; обнова на локалната ИНДУСТРИСКА АРТЕРИЈА; голем МУЛТИФУНКЦИОНАЛЕН СПОРТСКИ ЦЕНТАР; ТЕХНОЛОШКИ ПАРК; Нови зелени површини и субвенции за еколошки новитети; Гасификација и топлификација; Модерен ски центар на Ниже Поле, модернизирана и проширена ЗООЛОШКА ГРАДИНА.Но, не само тоа, ветив и стотици мерки и решенија презентирани во изборната кампања, преку кои ве повикувам: Заедно да создадеме град полн со живот, економски и индустриски развиен, во кој и сегашните и идните генерации гледаат перспектива. Раздвижена и чиста општина со изградена еколошка свест, повеќе зеленило и паркови, пешачки и велосипедски патеки. Урбанистички современ и инфраструктурно обновен град со ослободен потенцијал за развој и современи сообраќајни решенија. Да изградиме привлечна туристичка дестинација која пулсира во духот на културата и забавата, правејќи од локалниот туризам најголема извозна гранка. Спортска Битола во која спортот и рекреацијата се секому на дофат, а спортските клубови – национална гордост и подвижни амбасади.

Драги битолчани, ќе бидам градоначалник на сите граѓани, секогаш отворен и достапен за комуникација. Ве уверувам дека во блиска иднина Битола нема да ја препознаваат само како град на конзулите и клавирите, Широк Сокак и Хераклеја, Браќата Манаки и Кемал Ататурк… Не почитувани, Битола ќе ја препознаваат како Град на ИДНИНАТА! ГРАД на достоинствени граѓани, горди БИТОЛЧАНИ! Заедно ќе го вратиме старото добро чувство да си битолчанец! Градскиот часовник веќе отчукува во новиот ритам на европска Битола! Ајде заедно да го донесеме новото модерно време!Затоа драги сограѓани, Ве повикувам в недела масовно да излезете на избори и да дадете силна поддршка за најдоброто за Битола! Најдоброто, на овие избори е содржано во бројот 12. 12 за избор на градоначалник и членови на советот ! Заедно да прогласиме голема ПОБЕДА уште ВО ПРВИОТ КРУГ ! ПОБЕДА ЗА НАЈДОБРОТО НА НАШАТА БИТОЛА! Да сте ми живи и здрави, да живее Битола!