По гласањето во првиот круг за градоначалник на Општина Битола, кандидатот на СДСМ и Коалицијата, Христо Кондовски на својот фејсбук профил напиша:
Почитувани мои сограѓани, Ви честитам за мирниот, фер и демократски избирачки ден кој беше олицетворение на сиот изборен процес што го водевме заедно со вас. Им честитам на сите учесници на овие избори кои излегоа на мегдан пред граѓаните и на сите избрани членови на советот во Општина Битола. Од сесрце ви благодарам за големата изразена поддршка до мене како кандидат за градоначалник и поддршката за нашите советници, а за тоа што очекува во вториот круг додаде:
-Изборните резултати даваат одлична основа за победа во вториот круг кој е веќе извесен и во кој најавувам повторно позитивна и прогресивна кампања. Во вториот изборен круг најавувам локално обединување на сиот коалициски потенцијал кој сега беше разлеан на повеќе страни, но и позитивен поттик на излезност на сите кои денес од различни причини не излегоа на гласачките места. Драги битолчани, ве уверувам ќе имаме заедничка победа која ќе ви припаѓа вам и на нашата Битола!