Press "Enter" to skip to content

Стопанска банка а.д. Битола, заклучно со третиот квартал годинава, со добивка 6,2 милиони евра

Стопанска банка а.д. Битола, заклучно со третиот квартал од 2021 година го продолжи трендот на остварување позитивни финансиски резултати. Во услови на бавно постковид закрепнување, кое и понатаму наметнува низа економски предизвици, Банката успешно ги остварува клучните стратешки цели дефинирани во Деловната политика, во развојниот и финансискиот план, при што клучна беше умешноста на менаџментот и на вработените за краткорочно приспособување и флексибилност во услови на работа што се карактеризираа со висок степен на неизвесност.  Во образложение на остварениот финансиски резултат за периодот од 1.1.2021 до 30.9.2021 година стои:

Финансиски перформанси на Банката

Во првите девет месеци од тековната година, напорите на Банката беа насочени кон наплата на нефункционалните и претходно отпишани побарувања, кои заедно со редовните приходи од работењето придонесоа за остварување позитивен финансиски резултат за периодот 1.1.2021 – 30.9.2021 година, односно нето-добивка во износ од 382,66 милиони денари, што е значителен пораст на добивката за 364,66 % споредено со истиот период од минатата година.

Нето-приходите од камати за периодот 1.1.2021 – 30.9.2021 година се задржаа на релативно стабилно ниво, без поголеми апсолутни промени во однос на остварените во истиот период од претходната година. Фокусот на контрола на расходите по камати придонесе за нивно намалување од 9,96 %, со што во голема мера се компензираше намалувањето од 4,45 % на страната на приходите од камати, кои неминовно го следат надолниот тренд на активните каматни стапки во банкарскиот сектор, намалувањето на основната каматна стапка на НБРСМ, а воедно ја одразуваат и намалената економска активност како последица на ковид-кризата. Следствено, нето-приходите од камати се пониски за само 4,76 милиони денари, односно 2,18 % споредено со остварените во периодот 1.1.2020 – 30.9.2020 година. Остварувањето на планот за третиот квартал од 2021 година во оваа позиција изнесува 80,59 %.

Нето-приходите од провизии и надоместоци забележаа солиден раст од 13,73 %, односно 13,30 милиони денари споредено со периодот 1.1.2020 – 30.9.2020 година. Притоа кај приходите од провизии и надоместоци беше евидентиран позначаен годишен раст од 20,73 милиони денари, додека расходите пораснаа за 7,43 милиони денари. Остварувањето во оваа позиција го надминува планот за третиот квартал од 2021 година за 19,54 %.

Нето-приходите од курсни разлики не бележат значајни годишни промени во апсолутен износ. Останатите приходи од дејноста се повисоки за 12,47 %, што главно е резултат на ослободувањето резервации за потенцијални обврски во тековната година, што не е случај во претходната година. Исто и во оваа позиција реализацијата е поголема од планот за третиот квартал од тековната година за 15,57 %.

Исправката на вредноста на финансиските средства, на нето-основа е позитивна во износ од 301,69 милиони денари, што генерално се должи на ослободената исправка на вредноста од наплатата на претходно отпишано побарување нетирано со резервациите за пласмани според проценките на ризик. Загубата поради оштетување на нефинансиските средства, на нето-основа е позитивна и изнесува 15,77 милиони денари, следствено на продажба на дел од преземениот имот во согласност со поставените плански цели.  

Трошоците за вработените бележат намалување од 1,72 % споредено со претходната година, додека планот за анализираниот период кај оваа позиција е остварен со 92,33 %. Останатите расходи од дејноста не бележат позначајни годишни промени во апсолутен износ, а реализацијата на планот изнесува 91,53 %. Амортизацијата е зголемена за 14,27 % на годишна основа, а планот е остварен со 83,52%.

Промени во сметководствените политики и методи на вреднување

Во периодот 1.1.2021 – 30.9.2021 година нема промени во сметководствените политики и методи на вреднување.

Дивиденди

Во согласност со Одлуката за употреба и распоредување на остварената добивка по годишната сметка за 2020 година на Стопанска банка а.д. Битола, усвоена на седницата на Собранието на акционери, одржана на 26.5.2021 година, Банката не исплати дивиденда за 2020 година.

Вложување или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30 % од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

Недвижностите и опремата бележат зголемување од 140,89 % споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2020 година како резултат на стекнат недвижен имот во градба по основ на наплата на претходно отпишано побарување.

Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемувања поголеми од 30 % споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

Обврските по кредити се намалени за 16,13 % споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2020 година.

Очекувања за претстојниот период

Во периодот што следува, Банката очекува одредено стабилизирање на макроекономско опкружување и умерено нагорно придвижување во економијата во услови на присутна неизвесност, пред сè од расположливоста и движењето на цената на енергенсите во глобални рамки и во домашната економија. Во согласност со Деловната политика, со развојниот и финансискиот план, Банката и во идниот период ќе биде насочена кон стабилно и профитабилно оперативно работење со фокус на јакнење на  депозитниот потенцијал и поддршка на економијата преку кредитирање бонитетни клиенти – правни и физички лица, кон понатамошно подобрување на вкупната актива преку засилени мерки и активности за наплата на нефункционални кредити, подобрување на квалитетот на кредитното портфолио, како и активности поврзани со продажба на  преземениот имот и контрола на трошоците. Интензивно ќе се работи и на понатамошна дигитализација на одредени процеси и активности во Банката со цел да се приспособи понудата на производи и услуги на профилот на современиот клиент, а воедно и да се следи процесот на забрзана дигитализација во земјите во развој како последица на ковид-пандемијата. Воедно, Банката ќе настојува да ја одржи динамиката на раст на приходните позиции во однос на динамиката на раст на расходите, што ќе создаде предуслови за понатамошно профитабилно работење.

More from КомерцијаMore posts in Комерција »