Press "Enter" to skip to content

Градоначалникот Новаци, Стевановски во работна посета на Пожаревац и Костолац, Србија

На покана на претседателот на организациониот одбор Проф. Д-р. Горан Несторовиќ од Пожаревац, Србија заедно со проф. Д-р. Златко В. Соврески член на научниот одбор на меѓународното советување, градоначалникот на општина Новаци, Стевче Стевановски учествуваше на меѓународно собрание на тема: „Одржливиот развој на Браничевиот округ и енергетскиот комплекс Костолац“.

-Добив покана да земам учество на 15 тото советување за одржливиот развој на енергетскиот комплекс Костолац на кое се дискутираше на теми од областа на енергетиката и животната средина. Како градоначалник на општина Новаци која на своја територија го има најголемиот производител на електрична енергија во државата РЕК Битола,  зедов збор и присутните ги запознав со постоечките проблеми од овие области кај нас, рече Стевче Стевановски, градоначалник на општина Новаци.

Стевановски, оствари средба и со Предраг Мијатовиќ претседател на градското собрание на Пожаревац со кој разговараа за можните начини на меѓусебна соработка на општините од Пелагонискиот регион со општините од Браничевиот регион.

-Со претседателот на градското собрание на Пожаревац, Предраг Мијатовиќ разговаравме за меѓусебната понатамошна соработка, двата го изразивме задоволството од првичниот контакт и се радуваме на идната наша соработка особено затоа што станува збор за многу слични општини и регион како нашиот со исти проблеми во областа на енергетиката, земјоделството и животната средина. Сметаме дека особено важна и плодна би била соработката помеѓу општините Битола и Новаци од македонска страна и општите Пожаревац и Костолац од српска страна, рече Стевановски.

Градоначалникот Стевановски оствари средба со советниците на градоначалникот на градското собрание на општина Пожаревац: Бојан Диниќ, задолжен за ресорот земјоделие, заштита на животна средина и здравство, Срѓан Милетиќ- без ресор и Горан Несторовиќ –задолжен за ресорот образование.

Градоначалникот на општина Новаци, Стевче Стевановски оствари средба со Серџо Крстановски, претседателот на градската општина Костолац со кој разменија искуства за тековните проблеми и предизвиците на општините кои во своите дворови ги имаат најголемите енергетски комбинати.

-Општина Костолац е рударски град, град на јаглен, еден од водечките енергетски гиганти во Србија, град кој се протега помеѓу две термоелектрани, опкружен со површински рудници,што значи во голема мера е многу сличен со општина Новаци заради близината на РЕК . На денешната средба со Крстановски разговаравме за начинот на кој Костолац ја има искористено топлинската енергија која ја произведуваат за загревање на општината, начинот на кој тоа го имаат направено, технологијата која ја користат за да можеме тоа искуство да го направиме и кај нас, рече Стевановски.