Press "Enter" to skip to content

МНД Битола организира научно-стручен собир „Влијанието на пандемијата врз науката- искуства и примери на професионални предизвици во општеството“ (фото)

Македонското наушно друштво од Битола, организира научно-стручен собир “Влијанието на пандемијата врз науката- искуства и примери на професионални предизвици во општеството“, кој ќе се одржи во големата сала на НУУБ “Св. Климент Охридски“ на кој се пријавени 17 трудови, односно 28 автори.

Претседателот на МНД Битола, проф.д-р Невена Груевска на денешната прес-конференција по тој повод рече:-10 ноември е Меѓународен ден на науката, кој годинава во светот се одбележува под мотото “Иднината на науката, технолoгиjата и иновациите: Влијание врз образованието, вештините и работата“. Македонското  научно друштво-Битола, меѓународниот ден на науката ќе го одбележи токму утре, на меѓународниот ден на науката со Научно-стручен собир на тема „Влијанието на пандемијата врз науката- искуства и примери на професионални предизвици во општеството “, која е актиелна за времето во кое живееме. На пленарниот дел Билјана Гагачовска, специјалист психијатар ќе зборува за влијанието на пандемијата врз целокупното и менталното здравје и д-р Гордана Балтовска, член на МНД како и член на Управен одбор на Стопанска банка- Битола чија тема е Предизвиците од COVID кризата – Професионални предизвици во банкарството. Пригодни обраќања ќе имаат и проф. д-р Игор Неделковски, проректор за наука на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, проф. д-р Ленче Петреска – ректор на Меѓународен Славјански Универзитет Г.Р.Державин, и проф. д-р Цветко Смилевски, основач на Бизнис академија Смилевски.

Проф. д-р Лидија Стефановска,  претседател на Организационен одбор на Научно- стручниот собир за детали за научно-стручниот собир, авторите и трудовите рече:-На научно – стручниот собир “Влијанието на пандемијата врз науката – искуства и примери на професионални предизвици во општетсвото“, се пријавени 17 трудови, односно 28 автори.  Трудовите се рецензирани од страна на двајца рецензенти, кои добија соодветна форма за рецензирање, а Организацискиот одбор ги обликува на документите и вкупната физиономија на настанот. Настанот ќе се одржи го големата сала на НУУБ „Св Климент Охридски“ Битола, со почитување на сите протоколи за КОВИД 19. Трудовите ќе бидат презентирани веднаш по воведните предавања на д-р Гагачовска и д-р Балтовска. МНД и понатаму останува активно во делот на организација на научно – стручни собири, согласно годишната програма за работа и актуелните случувања во науката и опкружувањето.

Д-р Сашо Кочанковски за утрешниот настан додаде:-Светскиот ден на науката за мир и развој беше прогласен од организацијата за образование, наука и култура на ОН (УНЕСКО), во 2001 година (UNESCO 31C/Resolution 20). Денот ја нагласува значајната улога на науката во општеството и потребата да се вклучи пошироката јавност во дебатите за новите научни прашања. Истотака, ја нагласува важноста и релевантноста на науката во секојдневниот живот. Со поблиско поврзување на науката со општеството, Светскиот ден на наукта за мир и развој има за цел да обезбеди граѓаните да бидат информирани за развојот на науката. Ја нагласува улогата на научниците во проширувањето на нашето разбирање за извонредната, кревка планета што ја нарекуваме дом и во правењето на нашите општества поодржливи. Организацијата на фокусиран настан поврзан со посветеноста на науката и општеството беше еден од позитивните резултати на Светската конференција за наука во 1999 година во Будимпешта. Се сметаше за можност секоја година да се потврди заложбата за постигнување на целите прокламирани во  Декларацијата за наука и употреба на научното знаење и да се следат препораките од Научната агенда: “Рамка за акција“.

Трудовите од  Научно-стручен собир „Влијанието на пандемијата врз науката- искуства и примери на професионални предизвици во општеството “ ќе бидат отпечатени во новиот број на Прилози кои се издаваат еднаш годишно и секоја година имаат одредена тематика.