Press "Enter" to skip to content

Јубилејното десетто издание на “Битолино“ на “youtube“ каналот на “Бабец театар“ од Битола

Утре во Битола ќе се случи јубилејното десетто издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Поради здравствената криза и се со цел заштита на здравјето на нашата публика за прв пат фестивалот ќе се одржи во еден нов формат односно онлајн на youtube каналот на „Бабец театар“ од Битолаи нашата веб страна www.babecteatar.com.

Фестивалот е во организација на „Бабец театар“ од Битола а финансиски е поддржан од нашиот традиционален и официјален партнер “Комерцијална банка“ АД Скопје. Логистичка поддршка за фестивалот добивме од Светската асоцијација за детски театри “АССИТЕЖ“ и Асоцијацијата за детски театри од средна и југоисточна Европа “ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР“.

-Од 11 ноември до 13 ноември на нашиот youtube канал ќе емитуваме пет претстави кои во минатите изданија на ИДТФ „Битолино“ ја освоиле наградата Гран-при за најдобра претстава. „Шампионската едиција“ ќе започне со претставата „Не можеме да останеме на ова“ во продукција на Тијатротем театарот од Истанбул, Турција со почеток во 19:00 часот.
Следниот ден со почеток во 18:30 часот ќе ја прикажеме претставата „Валкано крило“, една од најнаградуваните претстави во историјата на детскиот театар, во продукција на Зуазола куклената компанија од Сантјаго, Чиле, во 19:30 часот децата ќе имаат можност да ја погледнат претставата на театарот Мала сцена од Загреб, Хрватска со наслов „Смешно чудовиште“, вели Васко Мавровски, директор на ИДТФ Битолино и претседател на УО на ЗКУ “Бабец театар“ од Битола.

Последниот фестивалски ден ќе започне со претставата „Четири басни и Кралицата“ во продукција на Рути Тамир театарската компанија од Модин, Израел со почеток во 18:30 часот а официјално фестивалот ќе го затвори нашиот збратимен театар од Санкт Петерсбург, Русија, Државниот детски театар на Портите на Нарва со претставата „Малиот принц“ во 19:30 часот.

-„Бабец театар“ и покрај финансиската и здравствената криза ќе продолжи да создава театарски претстави кои пред се ќе бидат достојни за презентација пред нашата публика, претстави кои ќе допрат до секое дете и претстави кои засекогаш ќе останат сеќавањата на децата. Горди сме што создадовме една генерација на млади луѓе кои токму поради нас го засакаа театарот тука првенствено мислам на нашите актери од Театарската школа Бабец и на сите деца кои уживаат гледајќи ги нашите претстави. Брендот „Бабец театар“ кој 11 години успеа да опстане како професионален детски театар со 20 премиери и над 45.000 продадени влезници и ИДТФ „Битолино“ на кој публиката (11.500) имаше можност да погледне 59 претстави од 34 театари кои во Битола допатуваа од 24 различни земји од 4 континенти, веќе се запишаа со златни букви во историјата на македонскиот театар и ќе направиме се оваа приказна да продолжи со нови проекти и радосни мигови за децата. Токму затоа ова десетто јубилејно издание на ИДТФ „Битолино“ носи една многу јасна и недвосмислена порака, порака која ќе биде мото на дванаесеттата сезона на „Бабец театар“ – „… најдоброто допрва доаѓа…“, вели Мавровски, кој ја искористи приликата да упати покана до сите:

-Ги покануваме сите љубители на театарот, сите деца и сите оние што сеуште сакаат да бидат деца без разлика на возраста да бидат дел од трите фестивалски дена и заедно да го славиме животот и радоста да ги гледаме нашите деца среќни.

More from ВестиMore posts in Вести »